За гласање на изборите во Косово до сега се пријавиле 13 илјади лица од дијаспората


Неполни три дена пред истекот на законскиот рок, Централаната изборна комисија на Косово (ЦИК) примила околу 13 илјади барања од дијаспората за регистрирање како гласачи на вонредните парламентарни избори што ќе се одржат на 6 октомври, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на ЦИК Ваљмир Елези за весникот „Зери“ изјави дека рокот за пријавување на гласачите од дијаспората започнал на 30 август и трае до наредниот вторник, 10 септември на полноќ.

– Од 30 август кога започна овој процес до денеска (недела, 8 септември) на пладне примени се 13 илјади апликации за регистрирање како гласачи надвор од Косово, изјави Елези.

Аплицирањето се врши преку имејл адресата на Гласачката служба на ЦИК, преку поштенски фах и преку телефаксот на ЦИК.

За разлика од изборите од 2017 година, кога рокот за пријавување беше осум дена, на овие избори тој е продолжен на 12 дена.