За Георгиев нападите од Мицкоски се „кризен пи-ар“ бидејќи не остварил тоа што ветуваше

Шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев вели дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Македонија Софија успеала да спречи Европскиот парламент да биде искористен за домашна политичка пропаганда на премиерот Христијан Мицкоски.
Нарекувајќи го „северномакедонски премиер“, Георгиев во денешното гостување во утринската програма на БТВ, изјави дека Мицкоски очигледно не бил воодушевен од развојот на настаните во неговата земја и почнал да води битки на надворешен план кои, како што оценува, се покажуваат како јалови.
„Бугарија е силна земја, Бугарија е фактор и во Европската Унија и во регионот, што РС Македонија мора да земе предвид. Ние сме земја членка на ЕУ, а РС Македонија е само кандидат засега“, вели Георгиев.
Според него, властите во Македонија го довеле Европскиот парламент во исклучително непријатна и незавидна позиција да бара изговори, но како што додава, Бугарија не треба да се заблагодарува или да се радува на исходот, бидејќи Софија ја поддржува земјава на нејзиниот пат кон европската интеграција.
Говорејќи за спорните историски прашања, шефот на бугарската дипломатија вели дека тој бил оставен на историчарите кога бил потпишан Договорот за пријателство и добрососедство меѓу Скопје и Софија.
„Темите поврзани со јазикот и идентитетот треба да ѝ припаѓаат на научната заедница. Имаме заедничка историја и ова не треба да го експлоатира никој“,кажа бугарскиот министер за надворешни работи.
Според неговите оценки, македонскиот премиер Христијан Мицкоски спроведува „кризен пи-ар“, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани за неисполнетите ветувања, односно како што вели Георгиев, затоа што ги излажал.
„Верувам дека граѓаните на РСМ, кои го заслужуваат своето членство во ЕУ и заслужуваат лидери кои можат да ги водат кон тоа, можат да разликуваат што е реално на патот на европската интеграција и што ги оддалечува од неа“, додава министерот за надворешни работи на Бугарија.
Со официјално соопштение на својата веб-страница се огласи и Министерството за надворешни работи на Бугарија. Оттаму наведоа дека со усвоениот извештај од Европскиот парламент било избегнато вмешувањето на оваа институција во обидите за негова политичка инструментализација од страна на Република Северна Македонија, а насочени кон заобиколување на обврските што произлегуваат од таканаречениот европски компромис од 2022 година.
„Во контекст на проширувањето на Европската Унија, прашањата поврзани со идентитетот и јазикот треба да се разгледуваат во рамките на научниот и академскиот дискурс, бидејќи по својата природа не спаѓаат во опсегот на институционалната проценка на напредокот на земјите-кандидатки во однос на објективните и мерливи критериуми за пристапување“, се вели меѓу другото во соопштението на бугарското МНР.
Премиерот Мицкоски вчера во своето, како што го нарече, искрено обраќање, говорејќи низ историска призма, рече дека на виделина излегло дека проблемот не е внесувањето на бугарското малцинство во Уставот, туку зацртаната агенда на Бугарија во однос на нашиот јазик и идентитет кои не ги признава и сака да ги уништи.