За ЕУ ова е „да се биде или не“ момент за Македонија

Правило на секоја опозиција е да се спротивставува, но ако се загрижени за процесот има простор да излезат со свои сугестии, порачуваат извори од Европската унија


(Од нашиот известувач)

БРИСЕЛ – Ова е да се биде или не момент. Многу работи што изгледаа невозможни пред агресијата врз Украина сега се случуваат. Има прозор на можности за Македонија брзо да ги заврши преговорите со Европската унија и затоа оставете ги емоциите настрана, бидејќи прашањата од историјата не се место каде што е Европската унија. Правило на секоја опозиција е да се спротивставува,  и тоа е така во секоја држава, но ако се загрижени за процесот има простор да излезат со свои сугестии, порачуваат извори од Европската унија, по најавите дека наскоро почнува процедурата за уставните измени, а јавното мислење и опозицијата во Македонија не помагаат во тоа. 

Според оценките во Брисел, Македонија е успешна мултиетничка држава која ги поставила високо стандардите за малцински права во регионот и иако проблемот со Бугарија е многу сензитивен, стравот дека може да има блокади натаму во процесот не треба да нѐ натера да ги запреме преговорите со ЕУ.  

„Знаеме дека францускиот предлог беше многу жестоко дискутиран во Македонија, но тој беше  клучен и голем чекор за нас во ЕУ. Има шпекулации дека овој предлог може да биде сменет и одново да се преговара за решение, но овде сме сигурни дека е најдобриот можен предлог кој отвара пат да одите напред“, е пораката на официјален извор од  ЕУ.

Брисел нема намера да се крене раце од Македонија и од преговорите, иако во моментов е јасно дека нема доволен број пратеници што ќе гласаат за уставните измени, со порака дека ќе продолжат да се ангажираат бидејќи веруваат дека има решение, но одлуката треба да ја донесеме сами во Македонија. 

„Уставните промени се во ваши раце, имате простор за напредок, вие сте прва земја со која го потпишавме договорот за Фронтекс и тоа на македонски јазик, сто отсто сте усогласени со нашата надворешна политика и сте лојален НАТО партнер, така што нашите цели не се менуваат“ – порачуваат од ЕУ, практично сугерирајќи дека ја гледаат Македонија како вреден и доверлив иден партнер.  

Дипломат на земја членка на ЕУ, пак, посочи дека секое проширување на ЕУ било поврзано со одреден политички момент и таквите политички контексти треба да се искористат, бидејќи не се случуваат нон-стоп. Неговата порака е дека мора да научиме да живееме со различните  мислења и дека една земја-членка не може сама да го покрене процесот на ревизибилност на одлуките на ЕУ. Според  негова оценка, нема ни потреба за тоа бидејќи проблемите многу полесно се решаваат низ процесот на пристапување во ЕУ, со порака дека ако има доволно јасност дека сме направиле тоа што сме можеле – ние сме во рацете на 27 земји членки, а не на една.

За овој извор, административниот капацитет на државата е многу поклучен за процесот отколку стравот од блокадите на Бугарија, порачувајќи дека и други земји имале листи со разни проблематични прашања и се соочувале со отпор за менување на уставите, но тоа е дел од процесот на влегување во ЕУ, од едни или други причини, споменувајќи го како пример откажувањето од независноста на националните банки. Според него, важно е да се одржи позитивниот наратив, власта и опозицијата да се договорат да не се користи процесот на преговори за препукување и политички цели, подобро да се објаснат придобивките од приближувањата кон Унијата за разните сектори и за граѓаните и да не се форсираат проблематичните прашања, бидејќи сѐ може да се реши. 

Ваквите пораки доаѓаат во пресрет на денешниот состанок на Советот за стабилиација и асоцијација, на посетата на шефот на европската дипломатија Жозеп Борел и на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, при што како што навестија од Брисел, ако е потребно и ако тоа го бара ситуацијата можна е и посета на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во наредниот период во Македонија. Пораките претходеа и на денешниот објаснувачки скрининг за поглавјето за животна средина од Кластерот 4 во Брисел и на кој се расправа за квалитетот на водите (и на реките, езерата …) во Македонија, за ограничување на пластиката, менаџирањето на отпадот и на заштита на националните природни богаства.   

На скринингот претставниците на Европската комисија ги преставија целите од Зелената агенда, како  целосното отстранување на штетните хемикалии од производите до 2029 година,  новата регулатива за употреба на вода и директивата за пластика за еднократна употреба.

„Ќе ги изложиме амбициозните предлози на Комисијата како дел од Зелениот договор, пошумување на шумите, директиви за квалитетот на воздухот, третманот на водата, што наскоро ќе влезат во сила и ќе бидат релевантни“, рече Давор Перцан од Генералниот директорат за животна средина во ЕК, нагласувајќи ја сложеноста на почитувањето на актите за животна средина, за кои рече дека се опширни и скапи за спроведување. Затоа, рече тој,  на земјава ѝ е неопходна силна структуирана администрација, вклучително и на локално ниво, за да се имплементираат и спроведат одредбите од ова поглавје.

„Почитувањето на актите бара големи инвестиции и силна соработка меѓу сите чинители – властите, идустријата и граѓанското општество. Продолжете со заложбите да се хармонизирате со актите за животна средина и да се стремите со пристап целата Влада да работи на ова подрачје, а не само одделните министерства“, порача Перцан.

Куриозитетно за нас беше до кое ниво водат грижа во ЕУ и до какви детали е подготвена регулативата во оваа област, при што нашите преставници можеа да слушнат дека до 2030 година сите пластични капачиња на шишињата мораат да бидат прицврстени за нив за да не паѓаат и каков тип пластика да се употребува. 

Нашиот заменик-главен преговарач  Дрита Абдиу-Халили од СЕП на состанокот кажа ова поглавје е скапо и полно со предизвици, но е едно од двигателите за економски раст и конкурентност.

„Донесовме долгорочна стратегија за климатски промени каде што е поставена нашата визија за економија на ниски емисии на јаглерод до 2030 година. Ги следиме патеките на одржливост, промовираме социјална кохезија преку климатски активности, работиме на еко системите, при што изработивме и закон за климатска акција“, рече Абдиу-Халили.

Таа потсети дека е донесен Закон за нискојаглеродна транзизија и Акциски план за енергетика и оти се работи и на новите случувања и енергетската криза и затоа планот ќе се ревидира во текот 2023 година. Кажа и дека од неодамна се работиме за утврдување регионален интегриран систем за управување со отпад при што е обезбедено финансирање на пет региони во државата.

„Во областа на загадување на воздухот имаме многу предизвици и тоа е национален приоритет. На крајот, планираме да изработиме закон за квалитетот на амбиенталниот воздух. Во областа на квалитетот на вода се фокусираме на развој на домашното законодавство усогласено со европското и закон за управавување со речните базени“, рече Абдиу-Халили.

Кластерот 4 или „зелените приоритети“ се на врвот на приоритетите на Европската унија, каде што има обемно законодавство, коешто се надоградува и е најтешко за спроведување, особено во заштитата на животната средина и инвестициите.