За едно деноноќие Марко Пејчиноски преплива 64 километри во Охридското Езеро


 Шеснаесетгодишниот Марко Пејчиновски, дете кое боледува од ретка болест, го преплива Охридското Езеро на релација Охрид – Струга – Свети Наум. По испливани 64 километри, само со раце утрово пристигна на градското пристаниште во Охрид.

Ова е десеттиот подвиг на Пејчиновски за препливување на езерото на различни релации, во вкупна должина од 250 километри.

– Се чувствувам одлично. Беше тешко, пред се поради неповолната струја на моменти, но успеав да ги надминам проблемите и за разлика од 2019 да испливам до целта, изјави Пејчиновски по пристигнувањето на целта.

На Марко му биле потребни 21 час, 41 минута и 48 секунди да го преплива Охридското Езеро. Неговиот тим и официјални набљудувачи го верификуваа подвигот и ги евидентираа сите потребни параметри и ќе биди испратено до соодветната светска асоцијација за пливачки подвизи.

– Горди сме сите на него, секако требаат натчовечки напори, нешто што не може секојдневно да го видиме и да бидеме сведоци на тоа. Пливаше во рамномерен ритам со одлично темпо, кое забави само во еден момент поради силна струја, што се движеше во спротивен правец од правецот во кој пливаше Марко, но и тоа успешно го надмина, истакна Миле Јовановски, официјален набљудувач.

Според него, Марко поради здравствената сотојба, 99 проценти работи само со раце, нозете само ги одржува така што тоа му дава дополнителна тежина на целиот подвиг.