За една седмица бројот на позитивни случаи намален за 3, но на починати е зголемен за 6,8 отсто


Фото: Б. Грданоски

Според статистиката на Центарот за јавно здравје во последниве две седмици запре наглиот пад на нови позитивни случаи од Ковид-19 и тој сега изнесува близу 2.400 лица на неделно ниво. Процентот на позитивност се движи од 11 до 19%, а просечно е 16 отсто. Тоа значи дека мерките на здравствените власти дадоа резултат, но сепак процентуалниот број на нови инфекции не паѓа под 10 отсто. Дали тоа е резултат на новогодишните и божикните празници останува да се види во наредниот период. За 8,4 отсто се направени повеќе тестови во оваа седмица од 11 до 17 јануари, но тоа може да се должи на фактот што претходната следеше веднаш по новогодишните празници.

Скопје, Ресен, Кавадарци, Охрид, Берови, Крушево и Пехчево имаат најголема инциденца на 100 илјади жители. Во Ресен е највисока 238,5/100.000, додека во Скопје е 176,3/100.000.

Инциденца на 100.000 жители, COVID-19, 11-17. 01. 2021

Но бројот на смртни случаи е повисок во однос на претходната седмица. Починаа 79 лица од 23 града, што повеќе за 6,8% во однос на претходната недела. Од нив, 62 лицa биле над 60 години, 13 лица на возраст од 50-59 години, 3 лица на возраст од 40-49 години и едно лице од 30-39 години.

По добиени 2 негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 5.785 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 29,7% повеќе во споредба со минатата недела.

Од вкупно 704 хоспитализирани на 17 јануари (12,1% помалку во споредба со минатата недела) 282 се на кислородна поддршка и 14 на респиратори.

Бројот на позитивни случаи според седмици од почетокот на епидемијата