За една недела отстранети 295 непрописно паркирани возила од јавните површини во Скопје


Фото: Б.Грданоски

Во текот на изминатата недела, од 23 до 29 септември, со специјалните возила „пајак“ се подигнати 295 возила од јавните површини. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 45 се отстранети од зонските паркиралишта, а преостанатите 250 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице.

Како што соопшти Град Скопје, контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 477 возила поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 45 возила се отстранети со пајак службата поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Градот Скопје и јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

– Апелираме сите корисници на услугите за паркирање на време да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркинг-услугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка, се вели во соопштението од Град Скопје.