За една недела 140 позитивни случаи на ковид, 13 лица се хоспитализирани на Инфективна
Во период од една недела, од вкупно направени 635 тестови, 140 се позитивни на ковид-19, информира за Мета.мк директорот на Институтот за јавно здравје, Шабан Мемети. Тој информира дека во моментов заклучно со денешниот датум, 9 октомври, 13 пациенти се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести, од кои четворица се на кислородна поддршка, а еден пациент е на неинванзивна механичка вентилација.
Во Охрид, двајца ковид пациенти се хоспитализирани во општата болница, а и двајцата се на кислородна поддршка.
Од почетокот на пандемијата, направени се вкупно 2.248.188 тестови, а бројот на позитивни тестови е 349.493.
Мета.мк се обрати во Министерството за здравство за информации и податоци во врска со тоа, дали има вакцини за ковид, како и колкумина се вакцинирале во изминатиот период, но до овој момент одговори не добивме.
На 16 август годинава, Мета.мк пишуваше дека новиот сој не е сериозна закана, според епидемиолозите. ЕГ.5 или Ерис, е новата варијанта на ковид-19 која стана доминантна во САД, а ја има и во Кина и во Велика Британија. Распространетоста на новиот сој расте, а симптомите најчесто се главоболка, рапав глас, болки во мускулите и изменето чувство за мирис.
Дали треба овој нов сој да нè загрижува? Епидемиолозите велат – не.
„Ова е вирус, а вирус лесно се пренесува, лесно мутира. Ковидот ќе има којзнае колку варијанти, но битно е да нема варијанта која ќе ни направи бељи за кои сè уште немаме имун одговор. Ние досега неколку варијанти поминавме, ќе има и нови, но тоа нема да биде драматично. Битно е да не биде вирусот летален, да не е толку развиен, за да не направи тешки клинички слики. Овој сој Ерис, не е таков“, вели епидемиологот д-р Александар Стојанов. (Мета)