За една градинка во Битола и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ назначуваат директор
БИТОЛА – И локалната и централна власт назначуваат директор во градинка во Битола.
Министерството за труд и социјална политика ја враќа Лидија Тфирст-Митревска за директор на градинките „Естреја Овадија Мара“ во Битола и му ги одзема ингеренциите на градоначалникот Тони Коњановски (ВМРО-ДПМНЕ) за назначување на директор во оваа претшколска установа. Само пред десеттина дена Општина Битола информира дека назначила нов в.д директор на градинките, Весна Лозановска, дипломиран економист, вработена во установата. Но со новото решение Министерството ја разрешува Лозановска и повторно ја назначува Лидија Тфирст-Митревска, која беше директорка и за време на екс-градоначалничката Наташа Петровска.
Министерството за труд и социјала, според наши извори во Битола испратило три решенија, за разрешување на Лозановска, за доделување на втор мандат од 4 години на Тфирст-Митревска и за одземање на ингеренциите на Коњановски, во делот на назначување на директор, што значи дека ова е петта одлука на МТСП за одземање на ингеренции на Коњановски во однос на градинките во Битола.
Како што веќе пишувавме одземени се ингеренции за назначување на член во Управен одбор од редот на вработените, за донесување на годишната програма, за донесување на годишниот извештај за работа на установата и за завршната сметка. Сите овие постапки не помина на седница на Совет на Општина Битола.
Лидија Тфирст-Митревска беше назначена за директор пред 4 години и мандатот ѝ истече на 23 јули. Иако Управниот одбор во два наврати ја избра Тфирст-Митревска за директор, по распишан оглас, сепак Коњановски постави свој човек на оваа позиција, спротивно на одлуката на УО.
Од општина Битола потврдуваат дека денес е доставено решение од страна на Министерството за одземените надлежноста на Коњановски. Но, градоначалникот има свое образложение зошто поставил нов директор на градинката.
„Од страна на Општината, директорката која беше дадена како предлог од Управниот одбор не беше назначена поради реакции од страна на членови на Управниот одбор за неправилности при изборот и сомнеж за веродостојноста на сертификатот по англиски јазик. Општина Битола, претходно два пати се обрати до претседателката на Управниот одбор на градинката и до тогашната директорка Лидија Тфирст-Митревска, но документацијата не беше доставена“, стои во реакцијата од Општина Битола за „Независен“.
Од Општината очекуваат, особено каде се во прашање најмладите и грижата за нив, делувањето на сите нивоа да биде без политички влијанија. (А.Б.)