За еден месец дури 4,5 милиони вработени дале отказ во САД

Рекордни 4,5 милиони Американци дадоа отказ на работните места во ноември, со што стапката на откази се зголеми на 3 отсто, пренесува Си-Ен-Ен.
Вработените ги напуштат работните места во угостителската индустрија, како и во здравството. Зголемен е бројот на откази и во транспортниот сектор, магацините и комуналните дејности.
Ако на оваа бројка се додаде и бројот на отпуштени, вкупниот број на оние кои ги напуштиле своите работни места во САД во ноември се искачува на 6,3 милиони.
Најголем скок на бројот на откази забележале хотелите и рестораните, кои во ноември имале и помал број непополнети работни места, покажуваат податоците.
Америка имаше 10,6 милиони слободни работни места во ноември, што е благ пад од нешто повеќе од 11 милиони во октомври. Бројот на непополнети работни места во САД го достигна врвот минатиот јули. Во тоа време имаше 11,1 милиони.
Во ноември се зголемил бројот на вработени во финансиите и осигурувањето, како и бројот на вработени во државната служба.
Бројот на нововработени остана на речиси исто ниво како и досега, 6,7 милиони.