За еден ден нови 11 случаи на заразени од „Сју Рајдер“ во Битола


Досега има вкупно 23 потврдени инфекции во хосписот. Сите заболени имаат лесна клиничка слика

За само еден ден се удвои бројката на заразени со Ковид-19 во битолскиот хоспис „Сју Рајдер“. Денeска се регистрирани нови 11 случаи или вкупно 23 од првиот случај регистриран во петокот. Директорката на Центарот за јавно здравје во Битола, Елизабета Крстевска, вели дека сите заболени се со лесна клиничка слика. Две третини од заболените се пациенти терминално болни.

„Од вчерашните земени брисеви за Ковид-19 (вкупно 17) добиени се позитивни резултати за 11 пациенти. Со тоа бројот на позитивни пациенти во организацијата е 23 (од вкупно земени 31 брисеви). Во текот на денешниот ден, земени се 20 брисеви (7 од персонал и 13 од пациенти), материјалите сѐ уште се обработуваат, а во текот на следниве денови ќе се тестираат останатите пациенти и персоналот од организацијата. Според информациите од одговорните лица во ‘Сју Рајдер’ сите пациенти во моментов се со лесна клиничка слика“, информираат од ЦЈЗ во Битола.

Четврт ден по ред Битола бележи по еден починат пациент, односно вкупната бројка се искачи на 24 од почетокот на кризата.

„Почина 80-годишна пациентка, хоспитализирана, која за цело време беше во тешка состојба. Во моментов имаме 66 паценти хоспитализирани на Инфективното одделение“, потврди директорката на Битолската клиничка болница д-р Билјана Гагачовска. (А.Б.)