За две ипол години на земјоделците им биле исплатени 340 милиони евра


Во изминатите две ипол години на земјоделците им биле исплатени 340 милиони евра, беше речено денес во Струмица на трибината Млади 20-24 на тема „Земјоделство“ во организација на СДММ.

Учесниците на трибината зборуваа за актуелните состојби во земјоделството при што нагласија дека прв пат по 11 години субвенциите се исплаќаат навреме и фер. Од 1 јуни 2017 година до сега се исплатени долговите од 2013, 2014 и 2015 година кои до тогаш не биле сервисирани навремено и биле пренаменувани кон непродуктивни трошоци. Само од Програмата за директни плаќања имало 40 милиони евра долг кон земјоделците.

Како што беше нагласено, во изминатите две ипол години најголем акцент е ставен на земјоделските политики кои се однесуваат на младите земјоделци. Золемени се субвенциите за млади земјоделци и се ослободени од плаќање концесија за земјоделско земјиште во првите 3 години.

Во моментов има активен проект за поддршка и развој на земјоделски задруги, што е форма на здружување која ја носи иднината. Проектот поддржува основање на нови земјоделски задруги со грантови до 40 илјади евра, каде повторно фокус се дава на младите земјоделци.

Зголемена е и сумата за мерката Млад земјоделец од 10 000 на 20 000 евра, во моментов има активен повик за сите заинтересирани млади земјоделци кои ги исполнуваат критериумите да аплицираат, беше посочено на трибината.