За дуели има време, сите да работат за граѓаните, велат од СДСМ
Владејачката СДСМ вечерва посредно го отфрли повикот на лидерот на опозицијата за телевизиски дуел со премиерот околу енергетската ситуација. „СДСМ, пратеничката група и претседателот Димитар Ковачевски подаваат рака за сите коишто се подготвени да ги надминат своите теснопартиски интереси, да работат за граѓаните и да дадат свој придонес во оваа насока.
Премиерот Ковачевски, парламентарното мнозинсто и коалицијата којашто ја предводи се целосно посветени и работат на мерки и политики за заштита на стандардот на граѓаните, за помош на стопанството, обезбедување на храна, енергенси, струја, парно, на сѐ она што е потребно во пресрет на тешката зима“, велат од СДСМ.
Според партијата, најавената конструктивност од страна на Христијан Мицкоски ќе ја поздравиме и ние и граѓаните доколку навистина е искрена. „Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ имаат шанса во Собранието. Да се откажат од блокадите, деструкциите и кочењето и да ја покажат најавената конструктивност со конкретни чекори“.
Оттаму додаваат дека државата и сите граѓани имаат потреба од единство и заедничко делување, во однос на соочување со предизвиците од глобалната енергетска и економска криза, како и за стратешките интереси на земјата.
„Граѓаните очекуваат работа и резултати. За дуели, дебати и политички препукувања има време“, нагласуваат од СДСМ.