За државната матура и за работата на училиштата и градинките Владата ќе одлучува по првомајските празници


Во однос на олабавување на мерките за кои одлуките ќе се донесуваат по 1 Мај, премиерот Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање рече дека во напредна фаза е одлуката за државната матура за учениците кои го завршуваат средното образование.

-Очекувам дека многу скоро пред Владата ќе се изнесе предлог за кој ќе дискутираме и секако дека Владата ќе го донесе најдоброто можно решение за средношколците, рече Спасовски попладнево на онлајн прес-конференција на прашање за полагањето матурски испит кој редовно се спроведува во јуни.

Конкретни одлуки за работата на училиштата и градинките ќе бидат донесени по првомајските празници.

-Не можам во овој момент, ниту јас или некој член од Владата, да кажеме дали треба да се вратат учениците во училиштата, децата во градинките, дали треба одеднаш вака да се ослободат сите рестриктивни мерки. Тоа ќе го анализираме, почнуваме дебата на различни нивоа во институциите на власта и врз основа на тоа ќе ги донесеме одлуките. Важно е дека одлуките ќе бидат донесени најдобро што можеме за доброто на граѓаните и за заштита на нивното здравје, рече Спасовски.

Додаде дека за сите мерки што ги носат се консултираат со Комисијата за заразни болести која, пак, ги следи препораките на Светската здравствена организација.