За Димитров изјавата на Закаријаш е поприлично несреќна
Вицепремиерот за евроинтеграции, Никола Димитров изјавата на Ана Паула Закаријаш, португалската државна секретарка за европски прашања ја оцени како поприлично несреќна.
-И јас и министерот за надворешни работи вчера контактиравме со Лисабон и португалското претседателство. Укажавме на оваа крајна несоодветност, која беше наведена и во владиниот став и добивме уверување дека изјавата апсолутно не го отсликува ставот на Лисабон, кој останува на линија на поругалскиот предлог и беше изразено жалење во оваа смисла. Одтаму ни рекоа „зошто воопшто за ова разговараме“ затоа што во предлог-преговарачката рамка што излезе од Европската комисија во еден параграф се вели дека ќе биде целото европско законодавство за кое што зборуваме преку националната програма преведено на македонски јазик и дека земјата ќе треба да има доволен број на преведувачи во моментот за зачленувањето, рече Димитров.
На прашање, ако ова е „несреќна“ изјава на португалската министерка, тогаш што конкретно предвидува предлогот што го даде Португалија до Скопје и Софија во однос на македонскиот јазик, Димитров нагласи дека тој предвидува дека јазикот е „македонски“, а Бугарија да има унилатерална изјава во однос на тоа.
– Португалскиот предлог се потпира на предлог преговарачката рамка што ја предложи Европската комисија. Параграфот околу македонскиот јазик да остане таков како што е – со чиста формулација ’македонски јазик‘ и предвидува унилатерална изјава на Бугарија во однос на нивната позиција. Значи, пристапот на португалскиот предлог во однос на македонскиот јазик е македонски јазик за ЕУ со унилатерална изјава на бугарскиот став од страна на Бугарија – рече Димитров.