За девет месеци извезени производи за 6,24 милијарди евра, увезени за 8,24милијарди


Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија, во периодот јануари – септември 2023 година, изнесува 6,24 милијарди евра и бележи пораст од 1,4 отсто во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, пак, во истиот период, изнесува 8,24милијарди евра, што е за 8,4 отсто помалку во споредба со истиот период лани. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – септември 2023 година, е 2 милијарди евра.

Според податоците на Државниот завод за статистика, покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – септември 2023 година, изнесува 75,7 отсто.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, електричната енергија и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и благородни метали во колоидна состојба; соединенија, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгами од благородни метали.

Во периодот јануари – септември 2023 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Кина и Србија.