За десет дена бројот на активни случаи во Чаир се намали од 454 на 300 лица


Иако податоците покажуваат и натаму високи бројки на новоинфицирани од корона вирусот, ситуацијата изгледа како да е стабилизирана во овој нов бран. Според информациите на лекарите од Клиниката за инфектологија и од Градската болница „8 Септември“ се забележува намален притисок за хоспитализации.

На Инфективната клиника примени се 4 пациенти и со нив вкупната бројка на хоспитализирани лица изнесува 87 пациенти. Притоа, на кислородна поддршка се 55 пациенти, а нема ниту еден на респираторна машина. Во ГОБ „8 Септември“, пак, примени се 7 нови, вкупно хоспитализирани се 95 пациенти. Бројот на оние што се наоѓаат на респираторна машина е сериозно намален – сега изнесува 4 пациенти.

Како што информираат од Министерството за здравство, во болницата во Козле се хоспитализирани 22 возрасни пациенти позитивни на ковид-19, 5 деца позитивни и 1 дете суспектно на вирусот.

И натаму најголем број на нови заболени се во Скопје (денеска 46), но поради големата бројка на оздравени лица (од 123 дури 77 се од главниот град) како да се намалува интензитетот на инфекциите.

Некои бројки го покажуваат тоа. Така, на пример, во главното жариште на короната во Скопје, Чаир, на 1 јули имаше 454 заболени, а според последните податоци од Министерството за здравство (заклучно со вчера) бројката на активни случаи во оваа општина изнесуваше 300, што е за 35 проценти помалку.

И состојбата во другите општини е иста: секаде е намален бројот на активните случаи, некаде повеќе, некаде помалку. Освен во Гази Баба, каде  на 1 јули имало 185, а сега 189 случаи.

На овие податоци треба да се додадат денешните резултати од тестирањата по општини по кои ќе бидат променети бројките, но не за многу, затоа што во последните 24 часа се регистрирани 46 нови инфекции во Скопје.