За демократите се додека Рама е премиер, вратата на Европа е затворена
Најголемата албанска опозициска сила, Демократската партија, во врска со денешната одлука во Луксембург својот став го изнесе преку генералниот секретар Газмент Барди, кој смета дека премиерот Еди Рама е единствен во светот кој лоша вест за земјата ја нарекува многу позитивна.
Во реакција откако ЕУ ја одложи одлуката за отворање на преговорите и изјавата на Рама дека одлуката на министрите за надворешни работи е многу позитивна одлука, Барди додава дека се додека на чело на земјата е Еди Рама вратата на Европа ќе остане затворена за Албанците.
Според него, Европејците не го прифаќаат Рама и дека единствената добра вест е дека во октомври тој нема да биде премиер.
– Европејците во своето семејство не прифаќаат крадец на гласови како Еди Рама, даночен крадец како Еди Рама, крадец на национално богатство како Еди Рама. Со украдени избори во сојуз со криминалот и со застрашувачка корупција како владата на Еди Рама, нашата земја ќе остане изолирана, последна за економија, последна во развојот. Единствената добра вест во оваа шестгодишна историја на измами и кражби на Еди Рама е дека во октомври, кога Европа ќе одлучи за нас, тој повеќе нема да биде премиер, а Албанија ќе биде на вистинскиот пат за отпочнување преговори за членство, обезбедувајќи прв чекор за Албанија како цела Европа, оценува Барди.
Реагираше и втората по големина опозициска партија, Социјалистичкото движење за интеграција, која смета дека Албанија треба да бара извинување од Северна Македонија за одлагањето на отворањето на преговорите.
– Добро е што се отворија преговорите за Албанија, но треба да побараме извинување од Северна Македонија што за неа ја одложија одлуката за октомври. Овој психопат(се мисли на премерот Рама) не се повикува на разумот дека овие денови, до 30-ти јуни, ќе им ги вратат визите на Албанците, дека преговорите со него нема да бидат отворени ни по 10 години,напиша потпретседателот на партија Петрит Васили на Фејсбук.
Нарекувајќи го измамник тој објави видео со изјави на Рама,кои ги нарекува лаги.