За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола , им порача Јовева на бугарските европарламентарци


За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола, а за да го признаете тоа, вам ви треба чесност, интегритет и храброст. Ова беше пораката која европратеничката Ирена Јовева од Словенија на македонски јазик ја упати до бугарските европратеници на крајот од своето обраќање во Европскиот парламент, на вчерашната дебата за извештајот на Томас Вајц за напредокот на земјава.

Европратеничката Јовева, која има македонско потекло, во обраќањето пред европските пратеници рече дека нема да поддржи никакви измени кои подразбираат бришење на македонскиот јазик и идентитет од извештајот. Во оваа смисла додаде дека македонскиот јазик е автентичен, а обидите за негово потиснување – модерна фикција.

„Слушнете ме внимателно, колеги. Овој извештај е извештај за европскиот пат на една земја-кандидат, пат пол со премногу трње, пат на еден народ, кој толку многу пати бил понижуван и угнетуван, но сепак е подобaр од многу кои се во Унијата, со сето должно почитување, на исклучоците. Овој извештај не е извештај за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или македонскиот идентитет. Иако овој дел од текстот во извештајот не ме загрижува, нема да гласам за негово бришење.
 
Сепак морам да бидам фер и да му порачам на македонскиот народ: знам дека боли, особено мене, но не се согласувајте со политичкиот наратив кој ќе ви кажува дека Европскиот парламент со тоа ви го одзел идентитетот или јазикот, бидејќи тоа не е вистина. На оние кои го велат токму тоа, бидејќи сакате сè освен правда, ви велам дека македонскиот јазик е автентичен. Вашите обиди се модерна фикција. Идентитет кој преживеал векови нема да исчезне поради еден глас или вашето лобирање. Ќе продолжи да постои како македонски јазик. За да постои, на македонскиот народ не му треба ваша дозвола. Но на вас, за да го признаете тоа ви треба чесност, интегритет и храброст“, рече европратеничката.
 
Во текот на дебатата за збор се јавија повеќе бугарски европратеници, меѓу кои и Андреј Ковачев. Рече дека додека граѓаните на Северна Македонија, кои ги нарече страдалници, ја чекаат својата заслужена европска иднина повеќе од 20 години, политичарите во Скопје систематски го саботираат процесот на евроинтеграција на земјата.