За да има средени, уредени, богати општини, потребни се финансиски средства


Министерството за јавна администрација, Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) и Министерството за локална самоуправа денеска во Куманово ја организираа јавната дискусија за предлог законските решенија кои се почеток на реформите во јавната администрација. На настанот учествуваа претставници од локалната власт на ниво на општински администрации од четири региони во државата, кои разменија ставови, предлози, мислења во насока на подобрување на предлог законските решенија.

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев ја истакна важноста на транспарентноста, одговорноста и ефикасноста во управувањето со човечките ресурси, нагласувајќи дека законските реформи се клучни за модернизација на јавната администрација и подобрување на услугите за граѓаните.

– Ние досега од собраниска процедура повлекуваме три клучни според нас закони коишто ги квалификуваме како почеток на реформите во јавната администрација. Се работи за законот за вработени во јавниот сектор, законот за административните службеници и предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници. Министерството за јавна администрација отпочна циклус на дебати на јавни расправи, работилници со крајна цел да дојдеме до заклучок во којшто ќе ги вклучиме сите заинтересирани страни за овој процес во транспарентен, слободен инклузивен, демократски процес да ги чуеме ставовите мислењата на сите коишто се засегнати од законот, изјави министерот Минчев.

Тој очекува расправите да траат до октомври, со цел сите предлог законски решенија да се вратат во собраниска процедура до крајот на годината

– Нашата цел за разлика од минатата влада е да имаме отворен процес во којшто сите сугестии како министерството што е отворено за сите ќе ги разгледаме и по можност ќе ги вклучиме во предлог законски решенија. Се надевам дека оваа дебата ќе даде посебен придонес во подобрување на законските решенија за коишто сметаме дека треба да бидат не паушални туку солидно, содржајно направени да бидат квалитетни и најважно од се, да бидат системски и понатаму следи процесот на имплементација на законите, изјави Минчев.

Тој акцентираше на потребата од тесна соработка помеѓу централната и локалната власт за да се обезбедат квалитетни услуги за сите граѓани.

На настанот се обратија и министерот за локална самоуправа, Златко Перински и градоначалникот на Куманово и член на управен одбор на ЗЕЛС, Максим Димитриевски, кој рече дека дебатите и расправите се добра можност да се слушнат различни видувања на засегнатите страни, администрацијата да стане професионална и граѓаните да добијат квалитетна услуга.

– Граѓаните да добијат соодветна јавна администрација првенствено во функција на нив-граѓаните и ќе се срушат досегашните навики и селекцијата и пристапот којшто важеше и сè уште, за жал важи да се даде предност на квантитет во однос на квалитет, едноставно да се смени, рече Димитриевски и повика на вклучување на заинтересираните и експертската јавност.

Одговарајќи на новинарски прашања, тој дека две децении се зборува за суштинска фискална децентрализација, укажувајќи дека општините трошат свои пари за реконструкции на училишта, наместо да ги вложат во патна, подземна и надземна инфраструктура, бидејќи од министерствата добиваат пари само за исплата на плати. Вакви примери, кажа кумановскиот градоначалник има во сите сегменти.

– Ја поздравувам одлуката на Владата финансиски да интервенира во општините можеби после подолг временски период за првпат со правилна распределба, а тоа е распределба на средства по глава на жител и верувам дека ова е првата мерка на оваа нова влада со која тргнуваме понатаму. Во меѓувреме во разговор со министерот за локална самоуправа добив информација дека ќе се погрижат и за обезбедување систем којшто ќе овозможи поквалитетно собирање на сопствени приходи од даноци и такси, данок на имот, данок на промет и други давачки каде што ќе направи можност општините да собираат и од сопствените приходи и поголеми пари, изјави Димитриевски.

Тој нагласи дека се разговара за довршување на вториот праг на децентрализација и отпочнување на третиот праг финансиска децентрализација.

– Ставовите на ЗЕЛС се јасни за да имате средени уредени богати општини потребни се финансиски средства и ќе продолжиме да се залагаме да ги зголемиме средства во проценти да се приближиме првин кон регионот, а потоа да ги следиме европските држави, рече Димитриевски.

Дискусијата заврши со препораки кои ќе служат како основа за идни активности и предлози за измените на Законот за административни службеници, Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување, насочени кон јакнење на капацитетите на јавната администрација и подобрување на услугите кон граѓаните.