За Бугарија нема место во еврозоната

Министрите за финансии на ЕУ  бараат Бугарија да усвои неопходни закони  пред да почне да се разгледува нејзиното можно членство


 

Бугарија нема да биде примена во еврозоната на 1 јануари 2024 година како што се надеваше, објави во петокот тејничката министерка за финансии Росица Велкова.

Таа објасни дека на состанокот на ЕКОФИН на почетокот на неделата, Бугарија не била ислушана за нејзината подготвеност да се приклучи, иако таа точка била на дневен ред. Расправата била откажана затоа што европските партнери сметаат дека Бугарија заостанува во донесувањето на законската регулатива и исто така не го исполнува критериумот за инфлација, рече Велкова.

Поради тоа, беше одлучено Бугарија да не поднесе конвергентен извештај на крајот на февруари, како што планираше владата. Сепак, таков извештај ќе биде поднесен веднаш штом земјата ќе ги исполни критериумите.

Доколку се изгласа потребната легислатива во јуни-јули од новиот парламентарен состав, документите може да се достават и тогаш.

Така, членството во еврозоната може да се префрли на 1 јули 2024 година, 1 јануари 2025 година или подоцнежен датум, произлезе од зборовите на Велкова. „Новиот целен датум е 1 јануари 2025 година, но проценката може да се побара оваа година“, рече Велкова.

Компромисите се невозможни за четирите закони кои мора да ги донесе Бугарија. Станува збор за Законот за комерцијален стечај, Законот за мерки за спречување перење пари, Законот за БНБ, како и спорните измени на Кодексот за осигурување. Усвојувањето на текстовите во собранието двапати го бојкотираа пратениците на ГЕРБ, ДПС, БСП, Бугарски подем и Преродба.