За британските работи


АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ

Откако на крајот на март не се случи „Брегзит“ (излез на Велика Британија од Европската Унија) и се договори одложување на целиот процес за шест месеци и се договори нов рок за тоа да се случи на 31 октомври, оваа тема како да спласна во јавноста, во очекување Британците да ги средат своите работи и да стигнат до т.н. уредно излегување од ЕУ (со договор).

Во меѓувреме се случи само тоа да се смени лидерот на владејачката Конзервативната (ториевска) партија, а со тоа и премиерот – Борис Џонсон ја замени Тереза Меј на таа позиција. Со тоа, на шеговитата страна на целата ситуација, во меѓусебната расправа на Американците и Британците, се констатира дека Британците го вратија приматот на „најглупавата нација“ (што го имаа Американците со изборот на Доналд Трамп).

Шегата настрана, полека доаѓа време Велика Британија да се соочи со наближувачкиот рок за излез од ЕУ и работите пак почнаа да се комплицираат. Џонсон дојде на чело на партијата и владата со ветувањето за испорачување на „Брегзит“, односно дека нема да има нови одложувања и Британија веќе на 1 ноември годинава нема да е членка на ЕУ, без оглед на тоа дали ќе има постигнат (и усвоен) договор со ЕУ или не. За потсетување, договор има уште од декември минатата година, но британскиот Парламент на три пати се обиде да го прифати, но во сите три обиди немаше мнозинство, односно повеќето пратеници (вклучително и многу од владејачката партија) гласаа против, т.е. го сметаат договорот со ЕУ за недоволно добар.

Не би се навраќал многу тука на споредби со изгласување на Преспанскиот договор, но мојата фасцинација со „Брегзит“ и процесот во тамошниот Парламент е токму во демонстрацијата на функционална демократија, каде што примарната одговорност на пратениците е кон граѓаните од сопствената изборна единица (конституенца), а секундарно кон партијата на која припаѓаат. И со самото тоа – демонстрација на одлучување на луѓе кои мислат со свои глави, а не се гласачка машинерија на владејачката партија.

Нејсе, да не се навраќаме на „македонцките работи“, да видиме што се новите моменти во британските случувања. Имено, откако Џонсон ја презеде премиерската функција на 24 јули и се обиде да издејствува нешто подобар договор со ЕУ (главно во делот на решавањето на проблемот со ирската граница), но без поголем успех ниту пак некоја надеж дека може да стигне до доволно поволности за да ги убеди пратениците овој пат да го изгласаат договорот за „Брегзит“, тој се одлучи за несекојдневен потег – суспензија (петнеделна) на Парламентот. Користејќи го правилото вообичаено за нов премер/влада да подготват програма и ја претстават пред Парламентот (со дозвола од кралицата Елизабета II), многумина во овој потег гледаат обид да се оневозможи Парламентот да го блокира излезот на Британија од ЕУ без договор и евентуално да се побара од ЕУ ново одложување на излезот. Практично, со суспензија од 9 септември до 14 октомври, на Парламентот му остана време за дејствување само во оваа недела и 2-3 дена пред клучниот самиот на Европската Унија на 17 октомври (патем, клучен и за нас и фамозниот датум за почеток на преговори), додека останатите две недели во октомври ќе беа излишни, односно беспредметни.

Но, Парламентот, односно неговиот Долен дом, во реакција на овој потег на премиерот Џонсон, закажа итна седница и опозицијата поднесе легислатива со која (ако се изгласа до петок) ќе се спречи намерата на владата да се случи „Брегзит“ без договор. Во очајнички обид да осигура мнозинство за својата позиција и да го спречи донесувањето на ваков закон со кој би се ограничиле можностите за дејствување на владата, Џонсон се закани и со опцијата за исклучување на пратеници од партијата доколку гласаат за тој предлог. Но, ни тоа не му помогнаа, зашто на крајот 21 пратеник од неговата партија гласаа за предлогот и притоа го загуби мнозинството во Парламентот. Со други зборови, сè уште има моќ (сè уште е премиер), но веќе нема контрола. За мене, ова беше уште еден пример за функционален парламентарен систем и уште една победа на демократијата.

Сметајќи дека со ова се руши и преговарачката позиција на Британија за евентуално подобрување на договорот со ЕУ, Џонсон го одигра и последниот свој можен потег – да предложи предвремени избори, па со тоа да се обиде да го добие потребното мнозинство за своите планови, но и тука беше надигран од Парламентот, заради одбивањето на опозицијата да гласа за распуштање и распишување на избори ПРЕД да се изгласа и законот со кој ќе се спречи „Брегзит“ без договор. Во секој случај, интересна недела во Лондон, во која оваа драма мора да заврши на еден или друг начин со изјаснување на пратениците (во двата дома) до петок навечер.

Зошто е сето ова битно за нас? Иако нема директна поврзаност или некои неодложни последици по нас, гледам барем два едукативни елементи од следењето на овој процес: приказ на функционална парламентарна демократија (како што нагласив погоре), како и издржана (и продолжена) аргументирана дебата за предностите, но и маните, на членството во Европската Унија (наспроти слепото верување дека сè е добро во ЕУ и има само бенефити од тоа членство, или уште повеќе како што кај нас веќе станува и стереотип – дека членството во ЕУ само по себе ќе ни ги реши сите наши проблеми).

Дополнително, комплицирањето на ситуацијата со „Брегзит“ може да влијае и на агендата на ЕУ самитот на 17 октомври, на кој очекуваме да се одлучува за нашиот почеток на преговори. Со ваква ситуација, многу е можно дека поголем дел од Самитот ќе мора да се посвети на „Брегзит“, а со самото тоа да нема концентрација, волја, па ни желба да се одлучува за датум за преговори за Македонија.

Не верувам дека таа точка би се тргнала од агендата, но и тоа е можно, а и да ја има, може повторно да се одложи одлуката или да се донесе одлука со одложено дејство (пр. датум за почеток на преговори да има, но тој да е во 2020 или дури и 2021 година). А со сè што направивме летово (случајот „Рекет“, но и други работи), не би се изненадил и со негативна одлука, т.е. да се одлучи да не се започнат преговорите за членство на Македонија во ЕУ и да нема навраќање на ова прашање до 2021 година, т.е. после изборите кај нас.