За Богојески давање субвенции за вработување Албанци е апартхејд

Петар Богојески од Македонски концепт ја нарече апартхејд најавата на заменик премиерот Артан Груби дека компаниите што ќе вработуваат граѓани со албанско потекло ќе добиваат субвенции од државата.
-Македонија предводена од ваква “бинационална” Влада е на чекор пред воведување на диктатура!!! Нападната е светоста на приватната сопственост… Пазарна економија или слободен пазар?!? Што беше тоа?!?
“Доколку приватни компании вработуваат Албанци или граѓани од другите помали етнички заедници ќе ја разгледаме можноста да ги субвенционираме овие компании. Сите компании кои ќе ја запазат правичната застапеност ќе бидат помогнати од владата – потенцираше првиот вицепремиер.” Крај на филмот! Апартхејд!
Ако Зоран Заев вака го замислува тоа “Едно општество за сите”, тогаш сите треба да бидеме против таквото општество! Каде исчезна граѓанската држава на сите граѓани?!? Зарем од нашите пари, власта ќе финансира диктатура на етничките партии врз приватниот сектор?!? Итна забрана за етнички партии!!!
Кога етничката припадност ќе се стави пред човековиот квалитет и професионални квалификации имаме голем проблем во државата. Исто како кога партискиот интерес се става пред државниот.
Дали Заев и Груби ќе им кажат на гигантите како „Џонсон Мети“, „Маркарт“, „Кромберг и Шуберт“ или пак на „Мамас“, „Алкалоид“, „Даути Комерц“, „Гемак“, „Нептун“ да вработуваат Македонци или Албанци, а не професионалци кои ќе го унапредат нивниот бизнис??
Секој македонски граѓанин треба да има еднаква шанса според квалитативни мерила.
Македонски концепт е спасот од вакви политичари!!! Нас ни треба Република, каде сите сме еднакви. Ова е контролирана демократија! Колку ви е потребно за да кажете “Доста беше”, драги мои македонски граѓани? – напиша Богојески на Фејсбук профилот.

Груби вчера на прес конференција најави дека Владата ќе разгледа мерка за субвенционирање на приватни компании кои ќе вработат Албанци или граѓани од другите помали етнички заедници.

-Доколку приватни компании вработуваат Албанци или граѓани од другите помали етнички заедници ќе ја разгледаме можноста да ги субвенционираме овие компании. Сите компании кои ќе ја запазат правичната застапеност ќе бидат помогнати од владата –  потенцираше првиот вицепремиер.