За безбедноста на туристите се грижат над 1.700 албански полициски службеници


За да се гарантира безбедноста и спокојството на туристите за време на туристичката сезона, на крајбрежјето и други туристички места, ангажирани се над 1.700 полициски службеници, соопшти албанската државна полиција.

– Над 1.700 полициски службеници и припадници на полициската единица за морска пловидба, добро опремени и обучени, од почетокот на овој месец ангажирани се да го следат крајбрежјето и туристичките подрачја во земјава, во рамки на туристичката сезона 2023 година. Главната цел е безбедноста на туристите и граѓаните, како и целосно и без инциденти одвивање на туристичката сезона, се наведува во соопштението.

Исто така информира дека 24 часа во служба на туристите и граѓаните е бесплатниот телефонски број 112, на кој може да се јават во случај на потреба.

Во Албанија на туристичките места од 15 минатиот месец почнаа да функционираат 30 здравствени центри.

Според Министерството за здравство и социјална заштита до денес одредена здравствена услуга добиле околу четири илјади туристи од нив 30 отсто странци.