За безбедноста на Самитот на европската заедница во Тирана ќе се грижат над 1.500 полициски службеници


(Фото: Независен)

Повеќе од 1.500 албански полицајци од сите структури, вклучувајќи го сектор за антитероризам, сообраќајната полиција,  јавен ред и мир, криминалистичка, но и општинската полиција ќе бидат на терен за непречено одвивање на самитот што утре ќе се одржи во Тирана.

На терен има и групи за антиексплозиви, кои ги следат главните патишта и го надгледуваат целиот безбедносен периметар, а по должината на плоштадот „Скендербег“, околу 600 полицајци ќе ги обезбедуваат високите делегации на европските лидери.

„Ќе бидат ангажирани и припадници на Националната гарда, а агенти на тајната служба, ШИШ, ќе го следат не само теренот, туку и социјалните мрежи, во случај да има повици за нестабилност. Исто така, сите фотографии од лица за кои постои сомневање дека имаат екстремистички тенденции се испратени до сите гранични премини за да се спречи нивниот влез во нашата земја. Во однос на безбедноста на високите личности, има и странски експерти кои помагаат во придружбата на странските високи личности од аеродромот до плоштадот „Скендербег“, каде што ќе се одржи самитот“, објави полицијата.

Во меѓувреме полицијата во Тирана одговори негативно на барањето на опозициската Демократска партија за одржување протест на 16 мај.

-Бараниот датум за митингот се совпаѓа со Самитот на Европската политичка заедница што се одржува во Тирана, поради што од безбедносни причини одлучено е да не се дозволи протест. Тоа се темели на потребата да се гарантира максимална безбедност за време на Самитот, на кој ќе присуствуваат високи лидери на Европската Унија и земјите од регионот, пренесува „Еуроњуз“.

Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, најави дека опозицијата што ја предводи ќе одржи национален митинг на 16 мај, во 17 часот, под мотото „На 16 мај во одбрана на гласот на Албанците“, за да ги оспори резултатите од изборите, кои, според него, биле „најголемиот изборен грабеж во историјата, диктирани од криминалот“.