За Белград, предлогот на MOЛ за НИС не е целосно прифатлив
Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, денеска изјави дека предлогот на нафтената компанија МОЛ за купување на мнозинскиот руски удел во Нафтената индустрија на Србија (НИС) не е целосно прифатлив и дека потребно е да се коригира, а преговорите се уште се во тек.
На прашањето за „црвените линии“ на Србија во преговорите, Мацут за РТС изјави дека тоа е стабилноста на пазарот и снабдувањето, и дека рафинеријата за нафта во Панчево мора да работи и дека мора да има гаранции дека Србија е примарна во одлучувањето што и како ќе произведува компанијата.
Министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, вчера изјави дека Србија не е задоволна од предлогот на унгарската компанија МОЛ и рече дека преговорите ќе продолжат, но „не по секоја цена“. Според неа, несогласувањата првенствено се однесуваат на идната работа на Рафинеријата за нафта и капацитетот за преработка на сурова нафта.
Во меѓувреме, во медиумите во Србија беше пренесена вест на агенцијата Ројтерс Ројтерс дека неодамна основаната српска компанија KFT Senator Treasury G.T.7 понудила две милијарди евра на руските „Гаспром Њефт“ и „Гаспром“ за нивниот комбиниран удел од 56,1 процент во НИС, повикувајќи се на изјава од нејзиниот сопственик Ранко Мимовиќ кој не е вклучен во таков вид бизнис. Понудата од таа компанија основана минатото лето, е предизвик за унгарската MOЛ, која се обидува да купи мнозински удел во НИС, што е под санкции на САД од октомври лани. Мимовиќ, исто така, изјави дека на 21 април го информирал кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ за своите планови во врска со НИС.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, вчера се изјасни против купувањето на НИС од страна на Мимовиќ.
„Гаспром Њефт“ не води преговори за продажба на својот удел во НИС со ниту една друга компанија освен со МОЛ, изјавија од рускиот производител на нафта за руската агенција ТАСС, пренесоа утрово српските медиуми.