За Апасиев, Џафери е Че Гевара


Во собраниската расправа на која на дневен ред е избор на претседател на Собранието, новите пратеници во дискусиите внесоа и духовити забелешки. Така, во својот настап лидерот на Левица, Димитар Апасиев, рече дека Џафери, а не тој е македонскиот Че Гевара, на што кандидатот за нов спикер на парламентот му одговори дека ја прифаќа таквата улога доколку Апасиев прифати да биде Фидел Кастро.

„Во левичарските кругови често ми велат дека сум личел на Че Гевара, веројатно поради физиономијата, но јас им велам не, Талат Џафери е нашиот Че Гевара бидејќи за прв пат во историјата од герила директно дојде во Владата. Единствено тој може тоа да го изведе и на тоа треба да му се честита“, рече Апасиев додавајќи дека му честита на Џафери и поради тоа што, како рече, му одржал службен натпревар на Претседеталот Стево Пендаровски за толкување на Уставот, кој го добил со 3:0.

Во одговор на настапот на Апасиев, Џафери му рече:

„По однос на квалификациите за Че Гевара, јас би прифатил такво нешто доколку вие себе си се сметате за Фидел Кастро, така што ќе има за што да разговараме во следните четири години“.

На тоа Апасиев во реплика му одговори: „Ние марксистите-ленинистите ќе најдеме точка на спојување. Ве уверувам“.

Левица, инаку ќе гласа против изборот на Џафери за претседател на Собранието.