За Антикорупциска брзањето со Изборниот законик е политичка корупција


Класичен пример на политичка корупција – вака го оценува Антикорупциската комисија брзото носење на измените на Изборниот законик со потписите на четирите најголеми партии во Собранието.

„Носењето на измените во Изборниот законик по ‘ултра’ скратена постапка се спротивни на мерките и активностите, што во рамките на Националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси, ДКСК ги достави до Собранието и Владата на РСМ како институции задолжени за нивно реализирање“, се наведува во соопштението на Антикорупциската комисија.

Носењето на измените во Изборниот законик непосредно пред започнување на изборниот процес се спротивни на препораките дадени во Извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за Локалните избори 15 октомври и 29 октомври 2017 и на добрите практики со кои се препорачува стабилна изборна рамка, велат антикорупционерите.

„Начинот на кој се настојува да се извршат измените во Изборниот законик, ДКСК го оценува како суштинско нарушување на владеење на правото, наспроти декларативната заложба на политичките партии за негово унапредување“, се нагласува во соопштението.