За Александар Николоски ДУИ била зелена партија затоа што почнала по шумите
Вториот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска дополнително ја оддалечи својата партија од ДУИ оценувајќи дека интегративците се обиделе да се трансформираат во зелена партијата, но тоа било враќање на корените затоа што излегле од шумите за време на конфликтот во 2001 година. Според него, најавата на Али Ахмети дека ДУИ сега по етничките и други национални барања сега ќе се наосчи кон зелената енергија и новиот зелен договор што е една од целите на ЕУ, била чист маркетинг.
„ДУИ си се враќа на корените. Тие стартуваа во 2001 година токму како зелена партија од горите и планините на Македонија, така што очигледно се враќаат на корените“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, сето ова било поради недостиг на свежи политички идеи. „Единственото нешто со што се занимава владејачката коалиција СДСМ–ДУИ е пи-ар, односно три дена водат во стилот на оние познати кампањи на големи мултинационални компании кога нешто најавуваат, кога сите очекуваат што ќе е тоа, па нели билборди без текст се ставаа во градот само со одредена боја, па после тоа имаше еден збор итн. Видени финти, нема друг збор освен финти“, рече Николоски.