За 9 часа продале стока во вредност од 22,6 милијарди долари, во првата минута „свртеле“ милијарда!

Кинескиот гигант во електронска трговија, Алибаба, за првите десет часа од „Денот на самците“, продала стока во вредност од 158,31 милијарди јуани (22,63 милијарди долари).

Тоа е 25 проценти повеќе во однос на продажбата во првите девет часа на истиот ден минатата година.

„Денот на самците“, кинескиот пандан на американскиот „Црн петок“ и „Сајбер понеделник“, кој претседателот и главниот извршен директор на Алибаба Даниел Џанг го промовира како 24-часовен онлајн шопинг празник од 2009. година, бележи забрзан раст со тенденција да стане најголемиот малопродажен настан во светот, пренесува „Ројтерс“.

Познат и под називон „Двојна единаесетка“ (Double eleven), името потекнува од календарскиот датум 11. ноември, при што четирите единици (11.11) означуваат статус на самец.

Алибаба минатата година на своите платформи за „Денот на самецот“ забележа продажба вредна 30 милијарди долари, фрлајќи ги во сенка 7,9 милијарди долари остварени во онлајн купувања на американскиот „Сајбер понеделник“. Минатогодишниот раст на продажбата на овој ден беше 27 проценти, најнизок во десетгодишната историја на тој настан, што ги натера организаторите да побараат свежи идеи.

Така годинешниот 24-часовен шопинг фестивал започна со настапите на американската поп ѕвезда Тејлор Свифт и домашните популарни ѕвезди како Џексон Ли.

Продажбата во првите минута и осум секунди достигна милијарда долари, за во првиот час веќе да изнесува 84 милијарди јуани, што е за 22 проценти повеќе од 69 милијарди јуани забележани во првиот час минатата година.

Алибаба соопшти дека оваа година очекува преку 500 милиони корисници кои ќе учествуваат во овој шопинг настан, или за околу 100 милиони повеќе отколку во 2018. година.

Ова е првпат за „Денот на самците“ на чело на Алибаба да не е нејзиниот динамичен ко-основач Џек Ма, кој во сепмтември поднесе оставка на местото претседател со цел „да започне нов живот“.

Годинешната шопинг треска исто така доаѓа во многу важен момент за компанијата која овој месец сака да собере до 15 милијарди долари со продажба на акциите на берзата во Хонг Конг.