За 65 милиони долари: Се продава имотот на Џеки Кенеди на островот Мартас Винјард


САД – Одамна, во 1979 година, Џеки Кенеди го купи преубавиот имот „Ред гејт фарм“ на островот Мартас Винјард, на северот на САД, за еден милион долари. Богатата природа, опуштената атмосфера и близината на Атлантскиот Океан биле доволни за сопругата на 35. американски претседател Џон Кенеди да се вљуби во него и да го посака за себе.

Денес, 40 години подоцна, имотот е повторно на продажба за 65 милиони долари. Имотот досега, по смртта на Џеки во 1994 година, која почина од рак на 64 години, го одржувала нејзината ќерка Каролин.

Имотот го дизајнирал Хју Невел Јакобсен во традиционалниот кејп-код стил, додека градините околу имотот ги дизајнирала Бани Мелоун по примерот на околината на Белата куќа.

Главната куќа се состои од пет спални соби, две бањи. Голема кујна, голема дневна соба и две простории замислени како ателје.

Трите камини се доволни за свежите вечери, додека терасата има поглед на Атлантскиот Океан.

Гостинската куќа на два ката има 4 спални соби, три бањи, дневна соба, кујна и просторија за перење алишта. На имотот уште има и куќа за персоналот, простор за чамци, базен и тениско игралиште.