За 50 отсто поскапува бифтекот во Влада, одлучи новиот директор на СОЗР
По бројоните забелешки на јавноста низ годините наназад дека пратениците во Собранието и службениците во Владата јадат багатено евтини јадења, новиот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, реши да ги зголеми цените за 50 отсто.
– Зголемување на цените на угостителските услуги во Владините објекти, нема повеќе “багатела” јадење на државна сметка! Во изминатиот период, јавноста често со право обрнуваше внимание на ниските и непазарни цени по кои се користеа угостителските услуги на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата. Во таквите дебати особено беше апострофиран собранискиот и владиниот ресторан, каде цените на услугите и производите беа значително пониски од оние на слободниот пазар достапни за граѓаните – напиша директорот Ивица Томовски на социјалните мрежи.
Тој додава дека „излегувајќи во пресрет на овие оправдани повеќегодишни забелешки, како и во функција на натамошно рационализирање, на мој предлог како директор на СОЗР, Владата вчера едногласно усвои првична одлука за зголемување на цените на угостителските услуги за 50%. Ваквото зголемување на цените не е прекумерно имајќи предвид дека претходно цените беа значително пониски во споредба со приватниот пазар“.
Најавува дека во периодот што следува, ќе се прават дополнителни анализи и секогаш кога ќе се јави потреба поради отстапувања од пазарните цени, ќе има корекции на истите.
Според него тоа е важно за да се обезбеди еднаков пристап на сите услуги, но без привилегии за избраните функционери и раководниот кадар.