За 2,8 отсто зголемено индустриското производство во јануари, голем пад кај рударството


Индустриското производство во јануари годинава, во однос на јануари лани, е поголемо за 2,8 отсто, соопшти Државниот завод за статистика.

Гледано по сектори, индустриското производство во секторот Рударство и вадење на камен во јануари 2024 година, во однос на јануари 2023 година, бележи опаѓање од 14,2 отсто, во секторот Преработувачка индустрија бележи пораст од 8,1 отсто, а во секторот Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација опаѓање од 21,7 отсто.

Зголемувањето во секторот Преработувачка индустрија е резултат, пред сѐ, на зголеменото производство во следните оддели: Производство на прехранбени производи, Производство на пијалаци, Производство на текстил, Производство на хемикалии и хемиски производи, Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати,
Производство на производи од гума и производи од пластични маси, Производство на метали, Производство на фабрикувани метални производи, освен машини и опрема, Производство на електрична опрема и Производство на моторни возила, приколки и полуприколки.

Според главните индустриски групи, производството во јануари 2024 година, во однос на јануари 2023 година, бележи пораст кај Енергија за 19,7 отсто и Капитални производи за 41,2 отсто, додека опаѓање бележи кај Интермедијарни производи, освен енергија за 13,0 отсто, Трајни производи за широка потрошувачка за 26,7 отсто и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 6,8 отсто.