За „27 април“: Ристовски и Јанакиески не организираа партиски членови за учество на протестите, велат сведоците


За време на протестите на „За заедничка Македонија“ обвинетите Спиро Ристовски и Миле Јанакиески немале никаква функција во ВМРО-ДПМНЕ, ниту организирале партиски членови да учествуваат на овие протести, кажаа повеќе сведоци предложени од одбраната на денешното судење за организаторите на настаните во Собранието од 27 април 2017 година.

Поранешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров Сокол Митровски, на прашање дали за време на протестите „За заедничка Македонија” комуницирал со Спиро Ристовски и Миле Јанакиески за нивно организирање или поддршка, одговир „не“, додавајќи дека немал потреба ниту да комуницира, бидејќи тие тогаш немале никаква функција.

– Никогаш како градоначалник, ниту ми било поставено прашање за поддршка и учество на протестите. Јас лично никогаш не сум бил на тие протести, а никогаш како градоначалник ниту сум го поставил тоа на вработените во Општината, тоа си било нивна лична граѓанска одлука, изјави Митровски.

Владо Мисајловски, кој во 2016 година беше министер за транспорт и врски, прашан каков став имал Општинскиот комитет на партијата за протестите на „За заедничка Македонија”, рече дека секој си одлучувал сам дали ќе ги поддржи собирите што ги организира „За заедничка Македонија” и дека партијата немала ништо со тие протести.

Мисајловски апсолутно негираше дека како министер влијаел врз вработените во администрацијата да излезат на протестите.

Претходно беа сослушани повеќе сведоци, кои во 2016 година биле членови на месни, централни или Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, а кои сведочеа дека Спиро Ристовски и Миле Јанакиески не биле членови на Извршниот или Централниот комитет, ниту дека некогаш биле контактирани од нив за учество или организирање превоз на симпатизери на партијата за протестите пред Собранието.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.