За 24 часа хоспитализирани 65 лица во ковид центрите во Скопје

Фото: Б. Грданоски

Во ковид центрите во Скопје во изминатите 24 часа се хоспитализрани 65 нови пациенти поради компликации од корона вирусот, со што вкупниот број на лица сомнителни и потврдени за КОВИД-19 кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град достигна 459.

Како што соопшти Министерството за здравство, во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 20 приеми и тоа тројца пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, по шест во ковид центарот на Клниката за неврологија и на Клиниката за нефрологија, четворица болни се хоспитализрани на Клиниката за дерматовенерологија, а еден во новотворениот центар на Клиниката за очни болести. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 28 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника се примени 17 лица.

Во изминатите 24 часа од болниците се отпуштени 33 оздравени пациенти

– Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 26 пациенти, на Клиниката за неврологија 36 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 52 пациенти со симтоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 24 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 25 пациенти, а на Клиниката за очни болести еден пациент, се додава во соопштението.

Во, исто време, во ГОБ 8 Септември има вкупно 100 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 155 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца – Козле има 40 пациенти, од кои 9 деца и 31 возрасни.

– Вкупно 459 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. И покрај големиот број на приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот имало 40-тина слободни места, а се очекува во тек на денот по направените исписи на оздравените пациенти да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ 8 Септември, се додава во соопштението.

Инаку, од утрово ковид одделнијата во Скопје се проширени за дополнителни 43 кревети кои се ставени во функција на пациентите суспектни и потврдени за КОВИД 19. Од 8 часот почна да работи ковид одделението на Клиниката за очни болести со капацитет од 23 кревети, а ковид центарот во ГОБ 8 Септември е прошитен за 20 нови места и капацитетот од досегашните 80 се зголемува на 100 болнички кревети.

– Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, се нагласува во соопштението на Министерството за здравство.