Од 2000 година направени над 500 трансплантации на коскена срцевина


Во организација на Клиниката за хематологија, а во соработка со Здружението за Хематологија и Институтот за имунологија и хумана генетика при УКИМ „Медицински факултет“ – Скопје, со поддршка на Министерството за здравство вчера и денеска се одржува првата работилница за трансплантација на коскена срцевина во државава, со наслов „Идни прерспективи и предизвици“. Повеќе 500 трансплантации на коскена срцевина се направени во земјава од 2000 до 2018 година, а од лани почна да се спроведува и т.н. трансплантација од несроден донор. Во почетокот на 2019-та пак, преку меморандум за соработка е овозможено реализирање сродни и несродни трансплантации и кај пациенти постари од три години.

-Со ова не само што инвестиравме во поддршка на инфраструктурата и лековите, туку и во соработка со многу центри се зголеми експертизата на нашите лекари и таа нова метода стана достапна за сите пациенти. Тие нема да мора да се упатуваат на лекување во странство, туку ќе се лекуваат блиску  до нивните домови со што ќе се заштедат огромни средства од Фондот за здравстевно осигурување, но и за самите семејства кои ги трошеа, изјави министерот за здравство Венко Филипче, дополнувајќи дека трансплантација на коскена срцевина, како тераписка метода за пациентите со малигни хематопоетски заболувања, беше воведена во земјава во 2000 година.

Според директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска-Ставридис востановена е стандардизирана услуга, еднаква по квалитет со онаа во европските центри, што претставува голем успех. Им порача на осигурениците дека Клиниката  со воведувањето на различните типови трансплантација за возрасни и деца нуди опција повеќе за излекување од тешките малигни хематолошки заболувања.

– Изедначувањето на стандардите во примената на различни видови трансплантација на коскена срцевина, не само кај возрасни туку и кај деца, е големо остварување за нас не само како експерти, туку и како медицински центар од нашата држава кој застанува рамо до рамо со најреномираните во Европа и пошироко. Потврда за нашиот досегашен успех е обезбедено присуство на нашата работилница од околу 60 учесници, водечки експерти од областа на трансплантцаијата во регионот и светот. Покрај тоа, во оваа прилика ја стартуваме националната кампања од  исклучителна важност со наслов „Be Someone Marrow” или „Биди срцевина, биди херој“, истакна Пановска-Ставридис, директорка на Клиниката за хематологија.

Александар Петличковски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика рече дека конечната цел е да се успее меѓу македонски дарители да се најдат соодветни донори.

– Се стремиме да ја зголемиме бројката на запишани доброволни дарители со што шансите за секој пациент во нашата земја да најде соодветен дарител би се зголемиле и се би одело многу полесно, подвлече тој.

Моментно, како што истакна Петличковски,  околу 3.300 доброволни дарители се запишани во регистарот, но таа бројка во споредба со Хрватска која има 50.000 дарители е прилично ниска. Оцени дека би било добро кога би имале регистер со 10.000 дарители.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев рече дека годишниот буџет што Фондот го одвојува за хематологија  се зголемува, така што во 2018 година изнесувал пет милиони евра, а за оваа година се издвоени над 6,5 милиони евра.

На работилницата учествуваа говорници кои се водечки експерти од областа на трансплантацијата во регионот и светот: Мохамед Мохти, Кристина Петерс, Радован Врховац и Матијаж Север.