За 18 милиони евра кај Момин Поток ќе има два кружни тека, поземни пешачки, велосипедски натпатници


Фото: Б. Грданоски

Денеска започна реализацијата на клучката кај Момин Поток, која е една од двете главни рути што ги поврзуваат северниот и јужниот дел од градот.

– Станува збор за огромен проект во вкупна вредност од околу 18 милиони евра, чија изведба ќе трае од 2 до 2,5 години. По својата комплексност се работи за најсложениот сообраќаен проект којшто Град Скопје го има изведувано од 1965 до денес, каде што сличен, но поедноставен проект за изведба беше тој на клучката кај хотелот „Континентал“, изградена пред 15-тина години. Со цел да се намали сообраќајниот метеж на овој потег, се предвидува изградба на два кружни тека, каде што првиот треба да ја замени крстосницата кај булеварот „8 Септември“ и улицата „Скупи“ и вториот кој треба да ја замени крстосницата на булеварот „Никола Карев“ и патот кон Визбегово, обиколницата и косовската граница. Од вториот кружен тек улицата продолжува до крстосницата со булевар „Словенија“ каде што се поврзува со булеварот „Словенија“ и со булеварот „Босна и Херцеговина“. Оваа сообраќајница е една од клучните градски сообраќајници бидејќи дневно овде поминуваат 25.000 возила и метежот е голем – рече Шилегов, на денешната прес-конференција.

Фото: Б. Грданоски

Вкупната должина на сообраќајницата меѓу двата кружни тека и до пред раскрсницата со булевар „Словенија“ изнесува околу 1.600 метри. По должина на целата сообраќајница ќе биде поставено најсовремено ЛЕД булеварско осветлување, како и пешачки и велосипедски патеки од двете страни на коловозот.

Фото: Б. Грданоски

Проектот предвидува и изградба на два моста на реката Серава која тече под оваа сообраќајница, како и изградба на натпатник во продолжение на бул. „8 Септември“, над бул. „Никола Карев“, со распон од 42 метри, потпорни ѕидови со вкупна должина од 2.000 метри, атмосферска и фекална канализација. За непречено одвивање на пешачкиот и велосипедскиот сообраќај предвиден е пешачко-велосипедски натпатник над бул. „Никола Карев“ и три подземни пешачко-велосипедски премини во рамки на денивелираниот јазол на спојувањето на бул. „8 Септември“ со бул. „Никола Карев“.

Фото: Б. Грданоски

Според Шилегов, создавањето на инфраструктурни услови во северниот дел на градот неминовно води до намалување на притисокот на урбанизацијата во јужниот дел, која се случува повеќе децении наназад, заради нерамномерниот развој на различните делови од градот.

На прес-конференцијата Премиерот Зоран Заев истакна дека Владата во континуитет работи на давање на финансиска и политичка поддршка за проектите кои се во насока на подобрување на животот на граѓаните. Владата тоа изминатиов период ќе го реализира преку 94 проекти во целата земја, каде што преку реализацијата на ТАВ Програмата се предвидени 49,7 милиони евра.

На денешната прес-конференција присуствуваа и претседателката на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев, заменик-министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски и Заменик на Претседателот на владата за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.