„Watchmen“ има најмногу номинации за ТВ-оскарот-26


САД- Дистопската серија „Watchmen“ води оваа година со 26 номинации за телевизиските награди „Еми“, познати и како ТВ-оскари, објавија организаторите.

Серијата, продуцирана од ХБO, која се чини дека ја зароби нелагодноста на Америка соочена со расни судири среде пандемија, беше номинирана за најдобра серија со ограничено времетраење, и доби номинации за актерската екипа, меѓу кои и Реџина Кинг и Џереми Ајронс.

Кинг е меѓу групата номинирани актери во темна кожа кои покажуваат дека гласачите на ТВ Академијата ги забележале повиците за промена, пренесува АП.

Комедијата на Амазон „The Marvelous Mrs. Maisel“ е со 20 номинации, втора нај номинирана серија, проследена со трилерот „Ozark“ на Нетфликс со 18 номинации. Црната комедија „Succession“ ја освои истата бројка, 18, а серијалот „The Mandalorian“, посветен на светот на „Војната на ѕвездите“ – 15.

„Оваа година сме исто така сведоци на една од најголемите борби за социјална правда во историјата. И наша обврска е да го искористиме овој медиум за промени“, рече Френк Шерма, претседател и извршен директор на Телевизиската академија, на почетокот на презентацијата на номинациите.

Номинациите, кои обично се откриваат со голема помпа во седиштето на ТВ академијата во Лос Анџелес, беа објавени денес виртуелно. Ги објавија Лесли Џонс, Лаверн Кокс, Џош Гед и Татјана Меслини, преку видео.

Номинирани за најдобри актерки во драмската серија се Џенифер Анистон за „The Morning Show“, Оливија Колман за „The Crown“, Џоди Комер и Сандра О за „Killing Eve“, Лора Лини за „Ozark“ и Зендаја за „Euphoria“.

Џејсон Батман за „Ozark“, Стерлинг Браун за „This is Us“, Били Портер за „Pose, Џереми Стронг“ и Брајан Кокс за „Succession“ и Стив Карел за „The Morning Show“ беа номинирани за Најдобар актер во драмската серија.

Церемонијата на доделувањето на наградите „Еми“, чиј домаќин е Џими Кимел, ќе се емитува на „АБЦ“ на 20 септември.

Во ова 27-то издание на „Еми“ наградите, а гигантот Нетфликс е јасно пред својот ривал ХБО со 160 номинации во однос на 107, што е нов рекорд.