ВВ „Тиквеш“ лани со поголеми приходи за 8 отсто и на бруто добивката за 11 отсто


Винарската визба „Тиквеш“ во текот на минатата година оствари раст на вкупните приходи за 8 отсто во споредба со 2018 година, односно повеќе за 135,8 милиони денари (за 2,2 милиони евра) покажуват финансиските резултати на компанијата кои беа објавени на Македонската берза. Растот се должи на зголемените приходи генерирани од домашниот пазар за 9 отсто и од странските пазари за 7 отсто. Бруто добивката бележи раст од 11 отсто, односно зголемување за 79,8 милиони денари (односно за околу 1,3 милиони евра).

Во образложението на финансиските резултати се вели дека лани биле зголемени административните трошоци за 42 отсто, трошоците за продажба и маркетинг за 12 отсто и останатите оперативни расходи за 9 отсто, што резултирало оперативната добивка на компанијата да изнесува 179,8 милиони денари (или околу 2,9 милиони евра).

Финансиските расходи се намалени за 10 отсто. Нето добивката од редовното работење пред оданочување е во износ од 149,2 милиони денари (2,4 милиони евра) за 1,6 отсто помалку споредено со 2018 година, соопшти компанијата

За работењето во 2019 година не беа исплатени дивиденди.

Минатата година „Тиквеш“ вложила 97,5 милиони денари во материјални и нематеријални средства, се вели во соопштението.