Вупи Голдберг критикувана за изјава за холокаустот


САД– Американската глумица и водителка Вупи Голдберг предизвика остри критики кон себе откако во своето ток-шоу рече дека холокаустот „не бил поврзан со расата“ и дека во нацистичкиот геноцид врз Евреите и Ромите биле вклучени „две групи бели луѓе“.

Оскаровката, која е водителка на „Поглед“ (The View) од 2007 година, на својот ководител му кажа:

– Мислам, тоа е холокаустот – убиството на шест милиони луѓе, но тоа не ви пречи? Тогаш ајде да бидеме искрени. Бидејќи холокаустот не е за раса. Не, не се работи за раса.

Нејзиниот кодомаќин Џои Бехар се надоврза дека нацистите ги сметаат Евреите за различна раса.

– Но, се работи за надмоќ на белата раса, надополни водителката Ана Наваро. – Се работи за прогон на Евреите и Ромите.

Водителката Сара Хејнс продолжи дека нив нацистите не ги сметале за бели.

Американскиот музеј на холокаустот има истакнато: „Расизмот беше средишна точка на нацистичката идеологија. Евреите беа дефинирани не според религијата, туку според расата. Нацистичките расистички уверувања поттикнаа геноцид и масовни убиства“.

Наспроти лавината критики, Голдберг подоцна се извини.

„Во денешната емисија реков дека холокаустот не е за раса, туку за нечовечност од човек кон човек. Требаше да кажам дека тоа важи и за двете. Еврејскиот народ ширум светот отсекогаш ја имал мојата поддршка и никогаш нема да ја изгуби. Жалам за навредата, за болката што ја нанесов“, напиша Голдберг на Твитер.