Вулин: Пендаровски нека молчи на јазикот кој никој не му го признава освен Србија


Министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин реагираше на изјава на претседателот Стево Пендаровски, кој прашан за проблемот меѓу Србија и Косово, рече дека „е против идејата за корекции на границите меѓу двете земји“.

Вулин му врати со жестока реакција.

„Претседателот на Северна Македонија може слободно да молчи на јазикот, кој никој не му го признава освен Србија, а на останатите јазици може уште погласно да молчи затоа што никој ниту бара, ниту му го прифаќа мислењето“, рече Вулин, пренесува РТС.

„Како Србија ќе ги решава проблемите на Косово и Метохија, одлучува Србија, а Пендаровски ниту некој ќе го праша, ниту пак ќе бара негово мислење“, истакна Вулин.

Ова не е прв пат Вулин да реагира на изјава на шефот на државата. Тоа го стори и минатата година исто така во врска со изјава за Косово и Србија. Тогаш Вулин му порача на Пендаровски да погледне дека во мапата на Голема Албанија се наоѓа и Северна Македонија.