Вуду и уцени- скандали го тресат францускиот фудбал


 

Франција- Францускиот фудбал повторно го тресе скандал што ја крена на нозе цела нација, па дури и Европа. Како да не беше доволно тоа што еднаш го направи Карим Бензема кога го уценуваше соиграчот Матје Валбуена со објавување на видео со експлицитна содржина, случајот со Пол Погба крена толкава прашина што може повторно се да пукне врз репрезентацијата и несреќниот Дидие Дешамп.

По првичните вести дека Погба бил цел на изнуда за сума од 13 милиони евра од страна на банда во која бил и неговиот постар брат Матијас, „РМЦ“ и „Л’Екип“дошле до нови сознанија во приказна која е навистина незаборавна… „РМЦ“ тврди дека Пол се обидел да се ослободи од криминалците со тоа што ќе им плати 100.000 евра, далеку под бараната сума.

Како што беше соопштено, играчот од средниот ред на Јувентус на сослушувањето одржано на 9 август признал дека по серијата уцени и притисоци од март минатата година, почнал да плаќа пари и стигнал до споменатите 100.000 евра, кога помислил дека можеби се ќе заврши. Но, тоа не ги смири бескрупулозните уценувачи кои продолжиле да ја притискаат ѕвездата на Јувентус и да го бараат она што првично го посакуваа. Поради тоа Погба, по консултација со својот правен тим поднел жалба во Италија, пред рочиштето да се одржи во Франција.

Од „РМЦ“ додаваат дека Погба ги отфрлил тврдењата на Матијас дека има спорни снимки на кои Пол бара од вуду волшебник да му направи магија на Килијан Мбапе. Од друга страна, по насловната страница „La Pogbaffaire“ (буквален превод: Аферата Погба), „Л’Екип“ пишува дека Мбапе од далечина ги следи настаните во случајот со Пол Погба и чека Матијас да излезе во јавноста и да го покаже наводното видео, по што би биле преземени дополнителни чекори. Истото може да се однесува и на неговото понатамошно учество во француската репрезентација. Наводно, Мбапе би бил спремен да го стави Дешамп во позиција да избира помеѓу Погба и него, со што бившиот фудбалски ас би бил во незавидна позиција.

Додека Пол се обидува на секој начин да ја докаже својата невиност и дека тој е всушност жртвата, Матијас продолжува да долева масло на огнот на социјалните мрежи…

„Мојот помал брат конечно ги покажува своите вистински бои. Со оглед на тоа дека сето ова го започна прв, дека ја лаже полицијата која ја објави оваа информација, не можете за ништо да ме обвините. Пол, очигледно се обидуваш целосно да ме затвориш, да кажеш лаги за мене и да ме пратиш во затвор. Јас разбирам сè. Мојата верзија на настаните е вистинита и кажува што точно се случило, за разлика од твојата. Имам доволно докази да покажам колку си лажго“, пишува Матијас на социјалните мрежи и продолжува:

„Ќе повторам – брат, не е добро да манипулираш со луѓето! Не е до парите, ме нападна да ми пркоси, за малку ќе умрев поради тебе и ме остави во дупка и сега сакаш да бидеш невин. Кога сè ќе излезе, луѓето ќе сфатат каков кукавица, предавник и лицемер си“.

Матиас му се обратил и на Мбапе и му рекол дека „нема ништо против него“ и дека приказната за вуду вештерката е целосно вистинита…

Уцената наводно започнала затоа што бандата барала пари од Погба за „заштитата“ која со години ги добивал од нив. Дури се шпекулира дека Пол Погба тоа го потврдил пред судијата, по што јавниот обвинител отворил прелиминарна истрага за да ги анализира сите факти. Дотогаш нема да има ново рочиште. Истрагата дополнително треба да ги утврди сите спорни точки, како и имињата на сите инволвирани во новиот случај на изнуда.

Скандалот кој го тресе актуелниот светски шампион може да го остави Дешамп без Мбапе или Погба. Да потсетиме, Бензема со години не беше во репрезентацијата поради скандалот со Валбуена, за минатото лето, по цели шест години, да се врати во тимот.