Вучиќ во ОН ја нападна Хрватска дека е „горда на своето нацистичко минато“
Српскиот претседател се жалеше на однесувањето на Западот, му се додворуваше на Трамп и зборуваше за бомбардирањето во 1999
Во своето обраќање пред Генералното собрание на ОН српскиот претседател, Александар Вучиќ, најмногу зборуваше за Косово, за наводната неправда кон Србија, за бомбардирањето во 1999, му се додворуваше на Трамп и тврдеше дека Србите се мирољубив народ кои не нападнале никого во историјата. Премолчувајќи ги војните што ги почнаа во Хрватска и Босна и Херцеговина. Во основа тоа беше уште една пресметка со Западот, кого го обвини за независноста на Косово, тврдејќи дека немало масовен егзодус од тогашната српска покраина (само во Македонија пристигнаа 350.000 бегалци). Тој му оддаде посебно признание на кинескиот претседател Ши Џинпинг.
Специјално место во говорот ѝ посвети на Хрватска жестоко напаѓајќи ја.
„Тие се горди на своето нацистичко минато“, рече во говорот Вучиќ: „Најтешко ни е во Србија кога во нашето опкружување го гледаме наследството на нацизмот подигнато на ниво на општествен престиж во Република Хрватска, која денес е горда на своето нацистичко минато и употребата на нацистички слогани и симболи. Србите, кои најмногу страдаа од рацете на нацистите, не можат да го прифатат оживувањето на најстрашните духови од минатото одговорни за смртта на стотици илјади Срби, Евреи и Роми во монструозни концентрациони логори како Јасеновац“.
Тој додаде дека „затоа, моралните лекции што доаѓаат од вакви извори се целосно неприфатливи“.