Вучиќ силно го нападна ЕУЛЕКС, Западот; ја пофали Унгарија, а и Италија


 

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека против Србија се спроведува хибридна операција и дека дополнително се криминализираат Србите од северот на Косово на Запад и во Белград за никој да не помисли да бара заштита за овие луѓе.

Во денешното обраќање од Претседателството на Србија, Вучиќ истакна дека на криминализација особено се изложени лидерите на Србите од северот на Косово, кои секогаш биле претставени како криминалци, убијци, наркодилери и крадци.

„Тука доаѓаме до суштинска одлука на западните земји, за која мора да бидеме свесни. Тие дозволуваат на Србите да биде пукано, да бидат малтретирани и шиканирани. А на Курти сѐ му е дозволено. Тие се водат од политиката на таканаречениот свршен чин. Што и да правиме, колку и да сме фини и конструктивни, да се трудиме да си ја подобриме позицијата, да наоѓаме решенија, тоа никогаш суштински и стратешки нема да ни помогне. За ништо. Секогаш на крајот ќе ни кажат ‘добро, не можеме да го запреме, тоа е суверена држава Косово, не можеме да ги запреме нивните постапки’. Па зошто сте таму ако не можете да ги запрете нивните незаконски дејствија? За лажен мониторинг?“, праша Вучиќ.

„Нема Повелба на ОН и резолуција на ОН кога станува збор за Србија, на која тие толку трескавично се повикуваат кога станува збор за Украина“, рече српскиот претседател.

Вучиќ остро го критикуваше ЕУЛЕКС, притоа опишувајќи го командантот на КФОР како „тежок, но коректен “.

Тој посочи дека го погледнал извештајот од мониторингот на ЕУЛЕКС и дека „ќе гаѓа со молив кон секој што ќе го донесе тој ЕУЛЕКС и кој бара тие да дојдат“.

Тој го обвини Албин Курти дека „создава криминална ситуација во која ги малтретира сите граѓани од српска националност“.

„Мислев дека тоа го прави сам, сега знам дека има поддршка од одредени западни земји. Внесува некои безвезни луѓе кои немаат ни легитимитет ни законитост со 1,5 отсто во Лепосавиќ. Тие ги носат своите новинари да провоцираат луѓе таму“, рече Вучиќ.

Со забелешка дека „не можеме да ги спречиме нивните лаги, ниту западни, ниту албански, бидејќи тие работат заедно“, претседателот на Србија изјави дека единствени што работат правилно се командата на НАТО и војниците на КФОР.

Тој се заблагодари на Унгарија, која ја смета за вистински пријатели на Србија, како и на Италија која има поизбалансиран став од порано.

„Навистина и благодарам на Италија што ми се чини дека разбираат каква е ситуацијата, имаат поизбалансиран став отколку што ми се чини дека беше порано. Останатите, подобро да не ги спомнувам“, нагласи Вучиќ.