Вучиќ се повлекува челното место на СНП на 27 мај, а на Видовден формира Народно движење


Александар Вучиќ за време на преговорите со Албин Курти во Охрид на 20 март 2023 (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот на Српската напредна партија (СНП), Александар Вучиќ, на партиското собрание објави дека на 27 мај се повлекува од лидерската позиција и посочи дека не знае кој ќе биде негов наследник, бидејќи има три или четири имиња кои се вои игра.

„Верувам дека на 27 мај ќе избереме ново раководство на СНП. Оттогаш не би требало да бидам претседател“, изјави Вучиќ во интервју за телевизија „Прва“.

Тој додаде дека планира да формира ново народно движење на Видовден, 28 јуни.

„Околу Видовден го формирам Народното движење за Србија, но останувам член на СНП, иако се надевам дека ќе избереме ново раководство. Тоа движење ќе биде пошироко од СНП и би сакал да ги вклучам оние луѓе кои не се во СНП. Не знам кој ќе ме замени на чело на партијата, но знам дека некои од оние што ги загубија своите позиции ќе ја напуштат СНП“, рече Вучиќ.

На прашањето како ќе одговори на опозиционерите кои го оспорија неговиот легитимитет, претседателот рече дека ќе предложи да се започне уставна процедура.

„Им требаат две третини од пратениците, нека ги соберат сите 85, а јас ќе додадам колку треба од СНП, кога ќе гласаат дека мојот легитимитет е спорен, ќе излеземе на референдум да видиме дали народот сака смена на претседателот. Јас ќе бидам претседател додека народот ме сака, а кога народот ќе помисли дека сум предавник, крадец и дека не се борам за нивните интереси, тогаш ќе престанам да бидам претседател“, рече Вучиќ.

Тој оцени дека дури и оние што го мразат – го почитуваат и дека имајќи го тоа предвид, веќе знае какви ќе бидат резултатите доколку има референдум. Вучиќ најави дека во меѓувреме неколкумина од СНП кои останаа без државни функции бомбастично ќе објават дека ја напуштаат партијата.

Како што појасни, тоа се луѓе кои припаѓаат на „естаблишментот на управата“ и кога не се на функција се лутат на целиот свет.