Вучиќ: Се „компликува“ посетата на Лавров на Белград


Срегеј Лавров треба да дојде во Белград на средба со Вучиќ неколку дена пред германскиот канцелар Олаф Шолц

 

Посетата на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, на Белград, која до денес изгледаше несомнена, од денеска е под големо прашање.

Во изјава за ТВ Пинк од Братислава, каде што учествува на форумот Глобсек, претседателот на Србија рече дека ситуацијата околу доаѓањето на Лавров, што според пишувањата на медиумите беше планирано за 7 јуни, станува сѐ покомплицирана.

„Станува комплицирано, дефинитивно станува искомплицирано, сè уште не сум подготвен да зборувам за тоа, но да – станува комплицирано, прашање е како ќе дојде, ќе видиме“, рече Вучиќ.

Запрашан „дали би било лоша вест“ доколку германскиот канцелар Олаф Шолц не дојде во Белград на 10 јуни како што објавија медиумите, Вучиќ одговори потврдно.

„Тоа би било трагедија… па замислете дека германски канцелар треба да посети некоја земја и да каже дека не сака да дојде или не може да дојде… се разбира (би била) лоша вест“, рече тој.

На прашањето „дали е можно тоа да се случи“, Вучиќ рече дека се надева дека тоа нема да се случи.

„Секогаш постои можност, но се надевам дека тоа нема да се случи, но ќе видиме, ќе видиме прво дали Лавров ќе дојде, потоа ќе видиме, а има реакции и од другите земји“, рече тој.

Очигледно дека до ваков развој на настаните доаѓа по притисокот на Западот.