Вучиќ сака да биде мирен 12 години, Рама прави компанија со Емиратите, Мицкоски најавува планови

Србија ќе гради гасна централа кај Ниш, Албанија заедничка компанија со енергетскиот гигант „Масдар“ од ОАЕ, Мицкоски кажува предвидувања


 

Неколкуте вести од климатскиот самит КОП29 во Баку, Азербејџан, домашната драма со загадувањето на Скопје и други градови, меѓусебните политички обвинувања за јаглеродниот диоскид – ја покажаа дискрепанцата меѓу она што некои други го прават, а ние не знаеме или не можеме да го направиме.

Настаните во Баку даваат интересен пресек на тоа кој и што работи во регионот. Албанскиот премиер Еди Рама, своевиден политички enfant terrible, денеска беше една од главните вести од Баку. Неговиот јазик е специфичен, неговите обраќања невообичаени, неговите пораки директни и боцкави.

Денеска тој излезе од сценариото – Рама рече дека го оставил зад себе својот „добро подготвен говор“ откако вчера ги гледал лидерите како ги даваат своите изјави на немите екрани над удобните каучи во соседната просторија на КОП29 во Баку.

„Луѓето таму јадат, пијат, се среќаваат и фотографираат заедно – додека сликите на безгласните лидери се репродуцираат постојано во заднина“, рече тој. „Мене ми изгледа токму она што се случува во реалниот свет секој ден. Животот продолжува, со своите стари навики и нашите говори – полни со добри зборови за борбата против климатските промени – не менуваат ништо“.

Тој укажа на вчерашната изјава на генералниот секретар на ОН, во која се истакнува дека емисиите на јаглерод се зголемиле меѓу последниот КОП и овој.

„Што значи за иднината на светот ако најголемите загадувачи продолжат како и обично?“ праша Рама. „Што правиме ние на овој собир, одново и одново и одново, ако не постои заедничка политичка волја на хоризонтот да се оди подалеку од зборовите и да се обединиме за значајна акција?“

Нашата претседателка, Гордана Сиљановска-Давкова, сака да има повеќе професорски пристап во говорите. Тоа го прави во Македонија, тоа го направи и во Баку и повторно се зафати со споменување на нејзината омилена фраза од кампањата (а и подоцна) – pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат). Таа во една јазична еквилибристика имаше интересни пораки, но тоа е на површината на политиката. А политиката е во јадрото на борбата против климатските промени.

Таа во вчерашаното обраќање рече дека ни треба „мировен договор, природен договор, за да престанеме да ја третираме природата како противник и да почнеме да се однесуваме кон неа како кон партнер. Парискиот договор, целите за одржлив развој се основата на тој мировен договор, на тој природен договор. Да ги спроведеме во согласност со принципот pacta sunt servanda“. Другите работи од говорот беа слични.

Умешноста на обраќањата може да биде важна, но и не мора. Она што е поважно како раководителите на една држава мислат на иднината, поблиска и подалечна. Бидејќи многу од работите што ги прави или зборува српскиот претседател Александар Вучиќ, овде во голема мерка се третираат како домашни вести, неговата најава дека заедно со Азербејџан планира кај Ниш да се изгради гасна централа, на многумина им изгледаше како потврда дека српскиот лидер знае што прави во овие комплицирани енергетски времиња.

По разговорот со претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, Вучиќ изјави дека Србија и Азербејџан ќе се обидат да изградат гасна централа, која долгорочно ќе го стабилизира снабдувањето со електрична енергија на земјата.

„Ќе се обидеме да изградиме гасна централа околу Ниш, бидејќи на југот на Србија веќе имаме проблеми со снабдувањето со електрична енергија. Тоа би го направиле заедно со Азербејџан и на овој начин би обезбедиле стабилно снабдување на Србија во следните 12 години“, рече Вучиќ. Тој додаде дека во наредниот период се наметнуваат две прашања – како да се обезбеди финансирање за обновливите облици на енергија и како да се изградат мали модуларни нуклеарни реактори.

Еди Рама и неговата министерка за енергетика, Белинда Балуку, исто така немаа време за седење во кулоарите во Баку. Двајцата се пофалија дека албанската електро корпорација, КЕШ и гигантот од Обединетите Арапски Емирати за обновлива енергија, „Масдар“, потпишале договор за формирање заедничка компанија за производство на електрична енергија. Балуку овој договор го оцени како „еден од најважните во енергетскиот сектор со широко влијание во регионот“.

„Покрај тоа што на сите панели го промовиравме  големото богатство што го имаме, нашата земја, која произведува 100 отсто обновлива енергија, го потпиша еден од најважните договори за соработка со гигантот ‘Масдар’. Со оваа компанија, која работи долго време на Балканот, но сега и со КЕШ, се создава заедничка компанија која ќе инвестира на целата област на Западен Балкан, но пред сѐ во Албанија“, рече Балуку.

Претставникот на „Масдар“ истакна дека „како глобален лидер во обновливите извори на енергија, ‘Масдар’ е горд што го потпиша овој договор со Албанија, особено со КЕШ“. Според министерката Балуку „енергијата и економијата на обновливите извори на енергија се врвен приоритет за Албанија“. 

Но тоа не е сѐ, како што се вели во една наша популарна реклама.

Албанија и Азербејџан потпишаа меморандум за соработка за гасификација на Корча, што ќе продолжи и во Подградец и Ерсек а потоа и други градови. Реализацијата на проектот почнува во 2025 година а целта е гасификација на целата територија на земјата.

Во исто време, македонската министерка за енергетика, Сања Божиновска, се обрати на панел-дискусијата во Баку „Патот кон нула-енергетски згради во поширокиот балкански регион“. Божиновска ги претстави напорите на Македонија за подобрување на енергетската ефикасност, особено во градежниот сектор.

Македонија не е назад со гасификацијата. Големите индустриски погони речиси целосно работат на гас. Тој стигнува во производните зони, но не стигнува до домовите и прашање е за колку десетлетија ќе стигне во нив. Ако воопшто стигне.

Откако на крајот на мандатот на претходната влада тогашната опозиција ги впрегна сите политички и други сили (вклучувајќи и инженерски структури) да го блокира планот за изградба на четири гасни централи, со кои ќе се обезбедеше голем дел од енергетската иднина на државата, ВМРО-ДПМНЕ сега најавува свои визии. Нив ги претстави премиерот Христијан Мицкоски на настанот организиран од Градскиот комитет на партијата по повод 13 ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. И сето тоа беше поврзано со екстремно загадените денови во кои западна Скопје, па требаше да се претстави некаков план.

„Денес сакам да објавам дека како влада планираме големи системски мерки кои ќе придонесат за намалување на загаденоста на воздухот, спроведување на детален план чиј финиш ќе биде чист воздух и здрава животна средина, но и зголемена енергетска ефикасност. Предвидена е стратешка инвестиција на гасна когенеративна централа која треба да обезбеди топлинска енергија со значително и драстично намалување на загаденоста, и тоа ќе обезбеди меѓу другото и зголемена енергија која ќе се користи во стопанството. Ветувам промени и активно работам тие да се случат што поскоро“, рече премиерот Мицкоски.

Ќе видиме која ќе биде таа стратешка инвестиција, кога четири претходно и онаа за „Чебрен“ ги отфрли тој и неговата партија. Тој имаше и коректно образложение зошто Скопје со децении е толку загадено.

„Посебно сум разочаран од тоа што се допушти децении и децении ништо да не се преземе за почист воздух. И ве молам да не ја политизираме оваа тема, затоа што тоа е колективен неуспех на сите политички елити досега кои управувале со државата и градот“.

Таа негова молба да не се политизира темата издржа едвај 12 часа. Денеска изутрина неговата партија направи сѐ за да ги обезвредни неговите молби.

„Причината за загадениот воздух има име и презиме, и тоа е СДС и ДУИ. Седум години власта на СДС и ДУИ не мрдна со прст во однос на загадувањето на воздухот во Скопје. СДС во 2017 година дојде на власт со ветување дека ќе го исчисти воздухот во Скопје. Тогашниот лидер на СДС на партиски митинг во Аеродром на цел глас велеше ајродром, ајро, ајро. Седум години подоцна Скопје никогаш не било со позагаден воздух“.

Така денеска ги поништуваше молбите на Мицкоски Анета Марковска-Илиевска, член на Советот на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ.

Поминаа речиси пет месеци откако раководењето на Македонија ја презеде новата влада, која даде толку многу ветувања што не можат и да се избројат. Сега тие треба да се остваруваат, а времето поминува ли поминува. Премиерот и неговата влада предвиделе стратешка гасна когенеративна централа. Јавноста чека да види дали предвидувањата може да се остварат и кој би ја градел таа централа. (Љ.П.)