Вучиќ, Рама и Заев: Ние сме посветени на ЕУ, но колку е Унијата посветена на нас
Во трипартитната изјава на тројцата лидери се нагласува дека постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања оди против европската волја на нашите земји и против интересите на самата ЕУ
За помалку од една недела од Балканот се упатува уште една силна порака до Европската унија да го испорача она што го ведти, а не да остане на празни зборови. Албанскиот и македонскиот премиер, Еди Рама и Зорана Заев, и српскиот претседател Александар Вучиќ, на денешната видео конференција и заедничката изјава, порачаа дека трите земји остануваат уште попосветени на патот кон Еевропската унија и на регионалната соработка.
„Денеска се состанавме за да разговараме за натамошните чекори за нашата регионална соработка како витален пат напред за нашите земји, за Западен Балкан, за Европа и европскиот пат како целина. Нашите земји се дел од Европа и секогаш ќе бидат. На земјите од Западен Балкан им е потребна ЕУ колку што ѝ се тие потребни на ЕУ“, се вели во изјавата.
Постојаниот неуспех на ЕУ да ги исполни своите ветувања и нејзината неможност да се движи напред со отворање на првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија, оди против европската волја на нашите земји и против интересите на самата ЕУ, се додава во неа.
„Нашата историја и нашата иднина се европски и живееме во регион опкружен со границите на Европската унија. Контекстот во кој се наоѓаме е предизвикувачки и истиот е предизвикан од предолгиот статус кво на Унијата vis-a-vis нашиот процес на интеграција во ЕУ. Сепак ние остануваме уште попосветени на нашиот пат кон ЕУ и на регионалната соработка. Сакаме порано, отколку подоцна, да видиме дека четирите слободи на ЕУ – движење на луѓе, стоки, услуги и капитал – се спроведуваат низ целиот регион. И ние ќе сториме сè што е во наши раце да се движиме кон оваа цел преку моќта на нашиот пример. Во овој дух, ние ќе ја искажеме нашата целосна поддршка за регионалниот заеднички пазар на Самитот на Берлинскиот процес на 5 јули“, се посочува во изјавата.
Потоа се додавадека само со заедничко работење и поттикнување на регионална соработка во рамките на разни регионални иницијативи – Заеднички регионален пазар, регионален Шенген, зелени коридори или во поширока смисла преку Берлинскиот процес – можеме да им донесеме опипливи резултати на нашите граѓани.
„Како регион со приближно 18 милиони луѓе, можеме да ги зајакнеме нашите економии, да ја зголемиме благосостојбата на нашите луѓе и да донесеме големи инвестиции што инаку не би биле возможни доколку го правиме тоа поединечно. На 29 јули ќе се сретнеме во Скопје за да го потврдиме напредокот и да потпишеме договори кои произлегуваат од спроведувањето на обврските од Берлинскиот самит, меѓу нашите три земји. Договори за соработка и помош во случај на природни катастрофи, како и за олеснување на трговијата, извозот и увозот меѓу нашите земји. Ги покануваме и охрабруваме нашите колеги во регионот да потпишат и спроведат слични договори, така што визијата за заеднички политички и економски простор низ Западен Балкан ќе стане важен дел од секојдневниот живот на нашите граѓани преку единствениот пазар. Во тој дух, се надеваме дека ќе го засилиме процесот на соработка меѓу нас, во целиот регион и ќе продолжиме да даваме сé од себе за тоа да се случи, се вели во изјавата.
Тројца лидери гледајќи го одложувања во процесот на проширување, веруваме дека сѐ уште може да се идентификуваат нови начини, политички области и финансиски инструменти, како и да имаме зајакнување на постоечките, така што ќе се подобри придонесот на регионот кон Европа, неговиот однос со ЕУ и постепено да се интегрира кон Европскиот единствен пазар.
„Затоа, решивме денес да побараме од Европската унија и од Соединетите Американски Држави, да преземат чекор заедно со нас и со нашите колеги од целиот регион. Нашата цел е да развиеме инвестициски, краткорочни проекти за подобрување на нашата животна средина и за многу поголем употреба на обновливи извори на енергија. Ова би било дел од спроведувањето на Економскиот и инвестициски план на ЕУ и на Зелената агенда за Западен Балкан. Нашите земји имаат огромен потенцијал за одржлив раст и развој во овој сектор. Ќе побараме практична поддршка во откривањето кои проекти можат, во поголем обем, да го направат нашиот регион извор на обновлива енергија за нашите граѓани и за зелената енергетска иднина на ЕУ. Се надеваме дека ќе можеме да го објавиме напредокот на конкретни проекти до Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи оваа есен“, се истакнува во изјавата.
Според тројцата лидери, „благосостојбата и економските врски на нашите народи ќе растат кога ќе се интегрираме во европските синџири на снабдување и ќе придонесеме за стратешката автономија на ЕУ.
За таа цел, ние сме подготвени да го одработиме својот дел заедно и ќе сториме сѐ што можеме за да ги претвориме овие заеднички напори во заедничка сила за соочување со предизвиците кои ги носи иднината како цел регион составен од шест актери. Албанија е Европа. Северна Македонија е Европа. Србија е Европа. Западен Балкан е Европа. Ние ќе ја завршиме тешката работа за да го направиме ова дел од секојдневниот живот“, се потенцира во трипартитната изјава на Заев, Рама и Вучиќ, од денеска одржаната работна средба преку конференциска врска.