Вучиќ по средбата со Зеленски – мали се шансите Србија брзо да влезе во ЕУ, Украина си ја турка европската агенда


Фото: EPA/ANDREJ CUKIC

Претседателите на Србија и Украина, Александар Вучиќ и Володимир Зеленски, по денешната средба во Белград порачаа дека двете земји сакаат да ја зајакнат економската и политичката соработка. Вучиќ е скептичен околу можноста за брзо членство на Србија во Европската Унија, додека Зеленски најави напредок во преговорите за договор за слободна трговија. Посетата е исклучително значајна имајќи го предвид блискиот однос на Белград со Москва и противењето на Србија да се приклучи на европските санкции кон Русија.

По тет-а-тет средбата и разговорите на ниво на делегации, како и потпишувањето Меморандум за разбирање во областа на земјоделството, српскиот претседател повтори дека Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина и дека е благодарен што таквата поддршка е заемна. Според него, Белград и Киев меѓусебно се поддржуваат и на патот кон Европската Унија.

Но, Вучиќ не е оптимист дека Србија во блиска иднина може да стане членка на Унијата.

„Како политички ветеран, во овој момент не гледам можност, пред сè за Србија, наскоро да стане членка на ЕУ, од бројни политички причини“, изјави Вучиќ.

Тој рече дека го разбира ентузијазмот на Зеленски за Украина што побрзо да влезе во Унијата, но смета дека ниту Киев не треба да очекува едногласна поддршка од сите европски земји.

„Тие секогаш ќе најдат некого. За нас ќе најдат некои Хрвати, Бугари, Холанѓани. За Украинците ќе најдат некои други“, рече Вучиќ додавајќи дека Србија никогаш нема да ѝ создава проблеми на Украина на нејзиниот европски пат.

Зартоа, според него, е важна идејата за пристап до единствениот европски пазар. Вучиќ оцени дека и Украина и Србија имаат што да ѝ понудат на Европа, но останува скептичен дека меѓу членките на ЕУ ќе постои согласност за забрзување на процесот на проширување.

На средбите се разговарало и за економската соработка. Вучиќ соопшти дека трговската размена меѓу Србија и Украина минатата година изнесувала околу 450 милиони долари, додека само во првите шест месеци од оваа година достигнала околу 321 милиони долари. Најзначаен производ што Србија го увезува од Украина е железната руда.

Украинскиот претседател најави дека преговорите за договор за слободна трговија меѓу Украина и Србија напредуваат и дека се надева оти ќе завршат до крајот на годината.

„Треба напорно да работиме за да постигнеме договор за слободна трговија. Преговорите напредуваат и тоа е позитивно. Би било добро сè да подготвиме до крајот на оваа година“, рече Зеленски.

Тој ѝ се заблагодари на Србија и за најавениот нов пакет хуманитарна помош, особено во областите на здравството и енергетиката.

Зеленски посочи дека Украина и натаму се соочува со тешка безбедносна ситуација, наведувајќи дека земјата и во текот на ноќта била цел на напади со балистички ракети и беспилотни летала.

Според украинскиот претседател, на разговорите биле разгледани и конкретни можности за соработка во инфраструктурата, железничкиот транспорт и безбедноста, како и учество на Србија во идната обнова на Украина.

„Постојат конкретни развојни инфраструктурни проекти, како и проекти за обнова во Украина кои можеме заеднички да ги реализираме“, рече Зеленски, оценувајќи дека таквата соработка може да придонесе за зачувување и отворање нови работни места во двете земји.

Украинскиот претседател на крајот им се заблагодари и на граѓаните на Србија за односот кон Украинците кои по почетокот на војната пристигнале во земјата.

„Никогаш нема да ја заборавиме добрината кон нашите Украинци“, порача Зеленски.