Вучиќ: По изјавата на Путин за Косово притисокот е неподнослив
Српскиот претседател во обраќањето до нацијата рече дека рускиот претседател Владимир Путин, бранејќи ги руските интереси, го повлекол аргументот за Косово, што не е лесен
„Нашата позиција е многу променета и е многу потешка по изјавата на рускиот претседател Путин за прашањето на Косово и Метохија, обидувајќи се да го заштити рускиот интерес“, рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во денешното попладневно вонредното обраќање до нацијата, кое беше одложено за седум дена, цитирајќи ја детално изјавата на рускиот претседател.
Според него, Путин, бранејќи ги руските интереси, повлекол аргумент кој не е лесен.
„Затоа сега ќе бидеме под најтешкиот притисок и темата Косово ќе биде најдоминантна. Тоа не значи дека Русија ќе го признае Косово. Нема. Ниту, пак, мислам дека нешто ќе се случи околу ова прашање, освен дека ќе бидеме под голем притисок, многу поголем од претходните години. Тоа станува неподносливо“, објасни Вучиќ, додавајќи дека „си играме глуви телефони“.
Вучиќ потсети дека последните испитувања на јавното мислење покажуваат дека за првпат има јасно мнозинство граѓани кои се против влезот на Србија во ЕУ, но дека неговата работа како претседател на Србија не е да го задоволи јавното мислење.
„Наша работа е да го слушнеме тоа, но наша работа е да го направиме она што е најдобро за државата“, рече Вучиќ во јавното обраќање во Палатата Србија.
Вучиќ истакна дека трговската размена на Србија со ЕУ е околу 60,2 отсто – вкупно 30,8 милијарди евра, а речиси 300.000 луѓе во Србија се директно или индиректно вработени во компании во сопственост на земји-членки на ЕУ, а најмногу инвестиции доаѓаат од ЕУ.
„Разбирам зошто некои луѓе се лути, луѓето се лути затоа што ја гледаат ЕУ како некој кој секојдневно врши притисок врз нас за прашањето за Косово и Метохија и санкциите против Русија. Понекогаш не сакаме да видиме што се рационални елементи , што се важни работи, што правиме заедно со ЕУ“, рече претседателот.
Тој рече дека е точно оти Србија често се соочува со работи „кои не се секогаш фер“.
„Но, сакам да им укажам на граѓаните едно – многу е важно што е праведно, но во меѓународните односи нема право, уште помалку правда. Ние сакаме да припаѓаме на типот на европско општество и затоа сакаме да напредуваме“, рече Вучиќ.
„Мојата порака денес е дека Србија е на европскиот пат, дека ќе оди понатаму кон тој пат и дека ќе се бори за местото на Србија во семејството на европските народи“, додаде тој.
„Косово ќе биде најдоминантна тема за нас во наредниот период и веднаш да ви кажам – сите европски лидери ми кажаа дека Путин инсистирал на случајот со Косово во нивните меѓусебни разговори“, рече Вучиќ.