Вучиќ: Важниот состанок ќе биде на 18 март во Македонија


Фото: Бета

 

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по разговорите со шефот на ЕУ за надворешни работи, Жозеп Борел, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, и премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека денеска не разговарале за европскиот предлог за решавање на косовското прашање, но имплементација на претходно постигнатиот договор, каде на прво место е формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО) во Косово.

„Имавме вообичаена тешка средба, верувам дека ќе има уште многу средби во наредниот период, бидејќи колку што разбрав, треба да се видиме на територијата на Македонија на 18 март, а потоа Борел ќе биде во посета на регионот, дотогаш со господинот Лајчак треба да разговараме за работи за имплементација“, рече Вучиќ.

Според него, приоритет на сите приоритети во спроведувањето на претходно постигнатите договори е формирањето на ЗСО, што, како што рече, ќе биде нагласено во соопштението на Европската унија.

„Јас инсистирав на ЗСО, а и европските претставници. Мислам дека господинот Курти не беше подготвен да прифати сега, ќе видиме дали ќе прифати во иднина“, рече Вучиќ и изрази страв дека двете страни ќе останат „заглавени во нешто што е одамна потпишано“.

Тој се пожали и дека од сите големи муабети во јавноста во Белград и Приштина, денеска не се случило ништо посебно.

„Господинот Курти дојде да потпише нешто, за тоа не се разговараше. Чекам да го видам планот за имплементација кој пред сѐ се однесува на претходно потпишаните договори. На почетокот на тој патоказ мора да има тоа што некој нема да го исполни, тоа е суштината, тоа е ЗСО“, рече Вучиќ.

Тој рече и дека европските посредници сакаат до 23 и 24 март кога се одржува Европскиот совет да имаат извештај дали Белград и Приштина постигнале нешто и соодветно ќе ја третираат европската интеграција и на двете земји.

Ќе откажам дел од патувањето и надворешнополитичките средби, за да разговарам со Лајчак, за да се подготвам за 18 март, за да не биде осудувана Србија на 23 и 24 март“, рече Вучиќ.

Тој исто така рече дека е подготвен да разговара со Курти за личните документи, регионалното претставување и сите други прашања од витално значење, но дека ЗСО е на прво место.

Одговарајќи на прашањето на албанските новинари дали Србија е подготвена да го признае Косово, Вучиќ рече дека Србија е членка на ОН и дека секогаш го поддржува меѓународниот поредок, Повелбата на ОН и нејзиниот устав.